Неделна доза ентериер:

Реален ли е станов?

Еден од најреобјавуваните станови на Инстаграм е стакленото поткровје на Хана Лагом, уредничка од Берлин и среќен станар во ова место од соништата.

Кон крајот на март 2020 кога почнаа првите локдауни, Лагом основа „раскажувачка“ агенција со нејзината сестра и оттогаш се зафатени со смислување стратегии за комуникација и социјални мрежи.

Инаку, во станот се вселува во ноември, 2019 и вели дека се чувствува среќно што карантините ги поминала баш таму, наместо во еднособниот стан (што сигурно немал волку стакло) каде што живеела претходно. Го нашла на вообичаена апликација за недвижен имот и со дечко ѝ веќе имале спремни бирократски документи, па со тоа, плус среќа и магија го почнале процесот.

Дневната понекогаш ја нарекува „вселенски брод“. Ужива да појадува таму, на сонце, и бидејќи има многу простор, вежба јога и танцува таму. Во денови кога не е претопло, може и да работи таму. Организирале и новогодишна забава со гости (замислете го тоа!) и се надеваат дека наскоро ќе можат да повторат нешто такво.

За себе вели дека сигурно не е минималист и ужива да пронаоѓа нови композиции од бои и форми. Има одредени предмети што отсекогаш ги имала и сакала, па тие ѝ се база: природни бои, плиш и дрво, со влијание од ’70-те и разигран скандинавски дизајн. Ѝ влијаел животот во Лондон и Стокхолм, а и патувањето во Мароко.

А сега, замислете дека живеете тука:

извор

31 август 2021 - 00:18