„Принцези за долар“, или како инстант да станеш благородничка

Во 1870-тите, на богатите Американци им текнува: Ќе ги продаваме ќерките по странство, ќе ги мажиме за британски аристократи, а тие ќе добијат титула. Во земја без аристократија, одеднаш на секој богат Американец му се имало војвотка во фамилија. Девојките, кои често немале ни избор, стануваат познати како - Dollar Princesses.

Купувањето титули не било ново, но Американците го донеле на поинакво ниво - невестите носеле огромен мираз преку океанот, па за неколку децении успеале да вбризгаат цели 25 милијарди долари во европската економија.

Многу од овие „принцези за долар“, како Консуело Вандербилт воопшто не биле воодушевени што ги шиткаат преку океан. Една богата наследничка, Алис То, морала да чека во црква, додека нејзиниот вереник одново преговарал за миразот со татко ѝ. Сепак, од вакви бракови добиваме и познати личности - плод на богата Американка и голтар-аристократ е Винстон Черчил, а потомок е и принцезата Дајана.

Назад на Консуело Вандербилт - татко ѝ бил милионер што градел железнички пруги, а ја продал на Чарлс Спенсер Черчил, деветтиот војвода на Марлборо. Подоцна има изјавено дека утрото на денот на свадбата го поминала во солзи, сама, а никој не ѝ се доближил. Била вљубена во друг човек, а и бракот не ѝ се погодил (којзнае зошто?!), па со војводата се разделиле после 10 години.

Џени Џером е една од првите. Во 1874, како ќерка на трговец со недвижнини се мажи за Лорд Рендолф Черчил и носи огромно богатство за аристократ што едвај се снаоѓа со џепарлак од татко му. Скандалот настанува кога нејзиното прво дете, Винстон се раѓа во седмиот месец од бременоста, а на јавноста некако не ѝ се верува дека е седмомесче - личело на здраво, до крај доносено бебе. Знаеме кое бебе е во прашање.

Принцезата Дајана од Велс е пра-правнука на американска наследничка што во Британија ја праќаат да се омажи за барон. Френсис Елен Ворк е родена во 1857, со татко милионер кој зад себе оставил 15 милиони долари кога умрел. Френсис се мажи за Џејмс Рош, Барон Фермој во 1880. Според братот на принцезата, „Не знам дали се вљубил во нејзе или во богатството на татко ѝ.“ Пресметано сосе инфлација, баронот потрошил некои 2,5 милиони долари од парите на дедо му на коцкање.

Постоеле и огласи за американски невести, со цела индустрија што „спојувала срца“ преку Атлантикот. Ергените би се рекламирале што нудат, а заинтересираните богаташки можеле да им пишат, да се разберат.

На наследничката Винарета Сингер (од машините за шиење Сингер) еднаш пред нос ѝ собрале сопруг, но на крај успеала да се омажи за француски принц. Во 1893 се омажила за принцот Едмонд де Полињак, а тоа не ѝ била ни прва кралска свадба - претходно била мажена за принцот Луи де Сеј-Монбејар, а бракот ја лансирал во височините на париските елитни кругови. Го поништиле неколку години подоцна, затоа што, како што гласи јавната тајна - Сингер била лезбејка. За среќа, (а ова е една од најромантичните приказни овде) со Полињак бракот бил скроз успешен - најмногу затоа што самиот Полињак бил хомосексуалец. Бил и композитор-аматер и заедно биле домаќини на многу почитуван салон за музичари, сликари и други креативци.

Заради оваа бизарна пракса, многу распаднати замоци и палати во Европа се спасени. Некои од „принцезите“ си ја наоѓале среќата, но еден од татковците, Френк Ворк, чија ќерка се омажила за барон на крај почнал да се противи на идејата на продавање американски ќерки за титули. Во 1911, неговиот некролог го цитира: „Време е да се запре со овие меѓународни мажења затоа што нашите американски девојки ја уништуваат земјата со тоа. Колку и брзо нашите вредни работници да ги заработат тие пари, нивните ќерки ги земаат и ги фрлаат преку океанот.“

Според Ворк, договорените бракови им штетеле на Американците, затоа што британските младоженци мислеле само на парите. Се бунел против систем кој според него бил само начин странските благородници да се извадат од долг, и рекол, „Да се прашував јас, меѓународните бракови ќе беа злосторство вредно за бесење.“

15 јуни 2020 - 14:09