Предупредување за Холивуд: На Стивен Фрај му го украдоа гласот

Стивен Фрај случајно открил дека преку вештачка интелигенција му го украле гласот и ич не е среќен.

Алармантно е откритието на Стивен Фрај и неговите агенти дека има неверојатна сличност меѓу неговиот глас и една снимка од вештачка интелигенција која ги прелажала слушателите дека слушаат автентично аудио од него. Фрај го има исчитано цел Хари Потер серијал за аудиокниги и сега предупредува со каква леснотија ВИ може да им брца во џеб на него и на неговите колеги.

„Збор не сум кажал од тоа - машина е,“ вели Фрај. „Да, се шокирав. Го искористиле моето читање на седумте аудиокниги за Хари Потер и од тие податоци, направиле ВИ со мојот глас и направиле нова нарација. Тоа што го слушате не е микс. Се работи за форма на флексибилен вештачки глас, каде што зборовите се модулираат за да се совпаднат со значењето на секоја реченица. Значи може да ме чуете како повикувам и на опсада на Парламентот и како читам хардкор порно, без јас да знам и без да дозволам. А ова, што го слушнавте сега е направено без мое знаење.“

Фрај споделува и дека откако ја слушнал снимката, ја пратил на неговите агенти и збеснале кога ја слушнале.

Во моментов, ова е еден од главните мотиви за штрајковите во Холивуд - присуството на ЧатГПТ меѓу сценаристите. И не се само ситните актери и сценаристи на удар, неодамна Том Хенкс имаше изјава:

„Да ви кажам дека се дискутира во сите здруженија, сите агенции и сите правни фирми за да се дојде до правна рамка за моето лице и мојот глас - и на сите други - да станат наша интелектуална сопственост,“ рече Хенкс на подкастот на Адам Бакстон. „Мене утре може да ме удри автобус и толку, но моите изведби можат да продолжат. Покрај разбирањето дека се работи за ВИ, или дипфејк, нема да има ништо друго што ќе ви каже дека не сум јас, а донекаде ќе изгледа и како да е живо.“

21 септември 2023 - 10:24