„Границата меѓу работата и слободното време повеќе не постои. И можноста да се дофатат работите во рок од неколку секунди ги попречува развојните вештини на трпение и издржливост,“ објаснува Дебора Серани, професорка на универзитетот Аделфи и авторка на Живот со депресија.
За разлика од претходните генерации, новите се соочени со постојано присуство на известувања. Порано нè прекинувал фиксниот телефон, да речеме. Денес ни пингаат повеќе места - повици, пораки, вибери, инстаграми... И сеприсутноста не влијае само на возрасните - тинејџерите според некои истражувања добиваат 240 нотификации дневно. Просечен човек го проверува телефонот 144 пати дневно, а 75% посегнуваат по него пет минути по примање нотификација.
Ова негативно влијае на менталното здравје и концентрацијата. Кога мозокот се врти кон нотификации, кратките прекини можат да го нарушат изведувањето на моменталните задачи и општо да го оптоварат. Постои можност да се влоши анксиозноста, да се активираат стресните реакции на телото, дури и толку сме навикнати на нови и нови известувања, што ни се причинува дека ни заѕвонел телефонот, или ни стигнала порака.
За справување, има чекори:
- Одвојте време за проверување и игнорирање на нотификациите
- Исклучете ги апаратите за време на оброци и навечер
- Ставете ги далеку од очи
- Намалете го бројот на апликации
- Повремено ослободете се од технологија (да речеме за викенд)
- Работете на тоа да бидете помалку достапни
- Побарајте помош ако треба.
Дали е многу страшно ако се одвојат еве, два часа без никакво гледање во екран?