Последната продавница за филмски реквизити во Париз

Ништо во моментов не е пошармантно и позанимливо на интернетов, од репортажата на блогерката Messy Nessy Chic за, како што самата кажува, „една од најдобро чуваните тајни на Париз.“

На површина од 4000 м2, во центарот на Париз е сокриен дуќан за изнајмување на филмски реквизити каде што не можеш да влезеш ако немаш човек во филмската индустрија.

Среќа, па Ванеса Грал, уредник и сопственик на messynessy.com има тетка што работи како сет-дизајнер, па успеала да ја внесе, за светот да може да поужива во фотографиите од ова неверојатно место.

Внатре има цели ходници со милион парчиња стар мебел, што сто посто сме го виделе во еден куп филмови, и тоа таков што би се вклопил во секаква приказна и сценографија што може да се замисли. Од препарирана глава од елен, до киоск што можеби се нашол во филм на Жан-Лук Годар и веројатно сите спални соби од филмовите на Вес Андерсон, тоа што највеќе изненадува е колекцијата на најразлични варијанти на минијатурни предмети од секојдневието.

Ако мислите дека филмскиот сет е тоа што највеќе се забележува (големи, Луј 14-ти фотелји, па маси, столни ламби и украсни перници), нека ви текне дека таму има педантни луѓе што се фаќаат за држачи за пенкала, комплетни прибори за јадење и, пазете, автентични менија за ресторани.

Или телевизор што беспрекорно мора да одговара на времето на дејствието:

„Потоа,“ раскажува блогерката, „имате реквизити кои треба да ја раскажат приказната на филмот за кој се предодредени. Ви треба слика од Адолф Хитлер за филм за Втора светска војна? Повелете портрети на диктатори по ходникот, лево. Еден тон.“

Одберете си ера, локација и жанр – и размислете баш какви столчиња и фотелји ви требаат за да го доловите времето: има цела една просторија преполна со тоа.

Ако го прашате сопственикот како му успева, ќе ви каже дека да не е лично негов просторот, одамна ќе имал затворено. Затоа што, толкави деловни простори во Париз веќе не ни има за изнајмување, а самиот бизнис не е доволен за да се покрие киријата. Синовите му помагаат, но свесен е дека е можно понатаму да изберат и друга патека во животот.

Текстот завршува со надеж дека, ако не успее да се одржи ова фантастично место на површина, ќе можеме некогаш да го видиме како музеј.

До тогаш:

13 мај 2017 - 19:31