После пандемијава, дрес-кодот за на работа ич нека не се враќа

На форуми посветени на сметководство, инженеринг и Њујорк, луѓето бараат да ги видат туѓите комбинации за на работа или прашуваат како некој друг се носи. Во групи на Фејсбук за слабеење или мајчинство има прашања кај може да се најде евтин црн блејзер или кои се најдобрите панталони за на работа. На форумот на Хакер Њуз, еден 30 и кусур годишен дечко се жали како директорот го понижил што носи кошула меѓу сите опуштено облечени колеги.

Во теорија, прашањето што да се носи на работа не би требало да биде неодговорливо. Повеќето индустрии имаат каков-таков дрес код, а за вработени што поздравуваат клиенти или работат услуги има и задолжителни униформи. Дури и во најнејасни ситуации, одговорот лежи во она што колегите го имаат на себе - ако никој не носи фармерки, веројатно не треба ни ти. Сепак, таа опсесија околу тоа како да се носиш на работа - права или виткана коса? Покриени тетоважи, или 2020 сме? Хеланки може? - влијае и на шанкери, и на адвокати, полиција, па и на луѓе што немаат допирна точка со никој од надвор.

Голем дел од таа збунетост доаѓа како резултат на рапидна промена. Миленијалците како озлогласени убијци на американските институции и социјални норми сега се најголема генерација во американската работна сила. Најстарите членови на таа група - луѓе во доцни 30-ти - добиваат на моќ во нивните организации, почнуваат одново да го формираат значењето за „облека за на работа“ и кога ќе завршат, истата таа „облека“ може засекогаш да ја снема како концепт. Е сега, дали таа иднина повеќе личи на разголена анархија или долгоочекувано бегање од тиранијата на каишот и прслукот веројатно зависи од тоа дали си тој што ги создава правилата, или само мораш да ги почитуваш.

Обично, стандардот за професионален изглед е костум или конзервативен фустан, дури и за луѓе што не работат во канцеларија. Сепак, многу од најпрофитабилните компании во светот, меѓу кои Гугл, Фејсбук и Епл, на вработените им дозволуваат на работа да одат во фармерки и дуксери.

„Не е никаква тајна дека ‘да се биде свој, индивидуа, да бидеш верен на себе и на пошироката експресија на тоа кој си ти,’ е сѐ поприфатено во професионалниот свет,“ вели Скот Кавуд, ЦЕО на WorldatWork, глобална асоцијација за професионалци за човечки ресурси (која нема дрес-код). За кодот вели дека почнува во оваа форма уште во индустриската револуција, каде што стандардизирани, затворени работни места стануваат новото нормално. Пред тоа, работниците биле послободни во начинот на облекување, а зависело од работата - на пример, нека ви текне колку и каква гардероба е потребна за оддржување на семејна фарма и собирање јајца секое сабајле.

Излегувањето на работата надвор од една канцеларија е едно од дефинирачките искуства на современото вработување - и од една перспектива тука влегува и бришењето на дрес-кодот. Во минатото, можеше да се дојде дома и да се извади униформата (или што и да носиш за на работа) и да знаеш дека си сосема слободен до наредниот ден, ментално и физички. Сега, многу луѓе на работа ги носат истите фармерки во кои готвеле по дома, телефонот и лаптопот никогаш не ти се вон дофат и умот и телото никогаш не се сосема одвоени од платениот труд.

Сега, откако сме дома и некои од нас откриваат дека работата и од кревет можат да си ја завршат, се поставува прашањето - мора ли да се враќа дрес-кодот?

Не мора. Многу е поедноставно, без драмење дека мора вака или онака - облекувајте се адекватно.

На крај, останува фактот дека работниците се возрасни луѓе, не бебиња во јасли за продуктивност. Мораат да владеат со себе и не им требаат архаични правила за казнување на грешка што може или не мора да се случи.

Едноставно, покријте го тоа што сакате да го покриете и терајте.

16 април 2020 - 16:28