Поминаа 20 години од „Cruel Intentions”

Од сите модерни тинејџерски филмови во ’90-ти, „Сурови намери” беше убедливо најшик. Се обидовме да го гледаме и вториот дел после тоа и беше само доказ дека кога нешто е врхунски направено, ич не треба да му се мешаш.

Со урбаната перспектива на младата култура, филмот застана контра шарениот Clueless - ликовите можеби беа насекирани дали ќе ги примат на факултет и како ќе поминат на тестови, ама тие секирации грижливо им беа сокриени под дискретно шик слоеви Прада.

Како тинејџерско прераскажување на Les Liaisons Dangereuses, приказната се држи до истата комбинација на страст и предавство што го прави романот толку потентен. Оригиналот прави сатира на предавничката природа на француската аристократија, а оваа верзија се бави со изолираниот свет на школите на Менхетн и Апер Ист Сајд. Кетрин Мертол (Сара Мишел Гелер како бринета) и Себастијан Валмонт (Рајан Филип без потреба од хијалурон) романтиката ја претвораат во спорт, обидувајќи се да измамат соученици и да се надминат меѓу себе. Такви бескрупулозни и препредени, Себастијан и Кетрин би биле совршени еден за друг, да не се нивните родители во брак. И двајцата користат убавина како оружје, сплеткарејќи и обложувајќи се дали Себастијан ќе може да ја заведе наивната ќерка на директорот, Анет Харгроув.

Меѓу сите скокања од кревет во кревет и сите ножеви забиени во грб, никако не можеш да пропуштиш дека ликовите се облечени беспрекорно. Костимографката Дениз Вингејт ја користела гардеробата како начин да ги дефинира ликовите преку палети на бои. Девствената Анет на Рис Видерспун и смотаната бруцошка на Селма Блер се во пастелни тонови и џемперчиња, за да се истакне нивната невиност, а за разлика од нив, попрошетаните Кетрин и Себастијан се облечени во парчиња директно од писта. Строги, најчесто црни комбинации крајно пригодни за негативци, кои покажуваат сексапил и минималистички луксуз. Бидејќи се разгалени и неверојатни материјалисти, наградата што ја катализира целата измама е стар Јагуар XK140 од 1956-та проценет на милиони.

Неколку оригинални парчиња се направени специјално за филмот, но Вингејт ги измешала со селекција од најважните брендови од таа ера за да додаде на автентичност - а резултатот беше подвижен моден едиторијал. Се разбира, ниедна 18-годишна девојка не би носела костум и шешир на излет во парк, ама колку тоа добро изгледаше!

Дваесет години подоцна, некои елементи од приказната повеќе не држат вода - во современ римејк веројатно би ги виделе девојките како се здружуваат против токсичната машкост на Себастијан наместо да му паднат на шармот - но облеката и актерската игра се се уште совршенство.

И бидејќи е годишнина, ако се мислите што да гледате вечер - еве:

10 април 2019 - 00:00