Пет луѓе објаснуваат зошто ќе седат сами за празниците

Има едно незгодно околу темата седење сам за Нова година што почнува некаде после 8-мо одделение. Прво си глуп, па после и на филмови те прават тажен и глуп, па има и други културолошки клишеа што ја повторуваат истата приказна: ако си сам за празниците, нешто ти фали.

Како и многу други стигми, ред е оваа да се провери. Харлинг Рос од Man Repeller прашува пет души од различни страни на светот што ќе кажат. Секој муабет се разликува и излегува дека седење сам стварно не е толку страшно. Напротив.

Касуми Мизогучи

25 години, консултант за продажба во софверска компанија во Токио

Кои празници ги поминуваш сама и зошто?

Ќе ги поминам Божиќ и Нова година сама овој пат. Живеам во Јапонија и маркетингот околу Божиќ тука е дека е за парови, па многу мои пријатели ќе го поминат со нивните партнери. Многу слично на Валентајн во Америка: повод за романтична вечера за двајца. Има многу реклами за „подароци за вашата друга половина” и идеи за состаноци во списанија и на телевизија во декември. Овој период од годината луѓето многу трагично го сфаќаат бивањето сингл.

Едно време живеевме во Америка и моето семејство слави Божиќ на американски начин – поклончиња под елка, семејна вечера и торта – но бидејќи моите случајно пак се селат во Америка оваа година, ќе бидам соло. Не е некоја голема работа, бидејќи Божиќ не е државен празник тука, навикната сум да го гледам како секој друг ден.

А Нова година од друга страна е многу голем семеен празник во Јапонија. Сите се дружат со родителите и далечните роднини, јадат традиционална новогодишна храна што се вика осечи, одат во храм, итн. Оваа година прв пат ќе ја поминам сама.

Што ќе правиш?

Ништо посебно. Може ќе си направам вечера и ќе гледам филм? Ќе изедам големо пакување сладолед? Светот ми е на дланка.

Што мислиш дека ќе ти биде најтешко?

Се сомневам дека ќе има тешко. Веројатно им изгледа тажно на некои луѓе, но Божиќ ми нема некое значење мене.

А што те радува?

Нема стрес, нема гњаважа, нема ништо.

Моли Симеон

23-годишна медицинска сестра што работи на интензивна нега на новороденчиња во Бостон

Кој празник ќе го поминеш сама и зошто?

Бадник и Божиќ. Треба да работам од 23-ти до 26-ти декември. Сум работела и порано за празници, но тогаш живеев во Конектикат каде што ми е семејството, па можев да ги видам и да прославам откако ќе ми завршеше смената. Од тогаш се преселив, па сега прв пат ќе бидам сама. Цимерката е исто сестра, но ќе работиме во различни смени.

Што ќе правиш?

Ќе работам од 7 сабајле до 7 навечер и за Божиќ и за Бадник. Ќе си играме Таен Дедо Мраз на работа и тоа ќе биде забавно. Кај мене на спрат секогаш слават за празници. Многу помага да имаш „фамилија” на работа кога не ти се блиску твоите.

Немам некои луди планови после смената. Ќе дојдам дома, ќе си направам вечера, ќе се истуширам и ќе си легнам релативно рано – знам, глупо. Моите родители обично ни купуваат со сестра ми празнични пижами за да ги носиме вечерта пред Божиќ и најверојатно ќе носам некои постари за да ја оддржам традицијата.

Што мислиш дека ќе ти биде најтешко?

Да дојдам дома во празен стан. За мене, празниците се фамилијарна работа и ќе ми биде тешко што ќе бидам одвоена од моето семејство. Сигурна сум дека ќе зборуваме на Скајп, ама не е исто.

А што те радува?

Дека ќе бидам присутна за моите пациенти и нивните семејства. Иако е тешко да се работи за празници, уште потешко е да се биде пациент во болница ова време. Работам со новороденчиња, и тие нивниот прв Божиќ ќе го слават во болница. Ќе им направиме нешто Божиќно, на пример украси со отпечатоци од стапалата. Некои од бебињата се доволно мали да ги собере во чорапа, па може така да ги сликаме со родителите. Им ги украсуваме и инкубаторите со Божиќни јорганчиња.

Џулија Нол

35-годишна, основач и уредник на Hey Woman!, веб-дестинација за паметни и снаодливи жени од Берлин.

Кои празници ќе ги поминеш сама и зошто?

Божиќ никогаш не ми бил омилен празник. Додека растев, морав да го делам денот меѓу моите разведени родители. Со тек на време ги убедив дека ми треба време за себе, да наполнам батерии. После 8 години, веќе скроз разбираат и ја прифаќаат оваа одлука, што ми прави да ми биде многу полесно. Не ја сакам ни традицијата на давање подароци по секоја цена. Има толку многу други начини да покажеш дека некој ти е драг. Повремено го посетувам семејството после Божиќ, но подарок носам само ако имам добра идеја. Ако не, домашни колачи ми вршат работа.

Што ќе правиш?

Петокот пред Божиќ, планирам да прославам со тоа што конечно ќе си одам од канцеларија (која ми беше втора дома последниве 12 месеци со оглед на тоа што не бев на одмор). Ќе влезам одма во хеланки и ќе избегнувам да носам панталони или фармерки и шминка следните две недели.

Имам куп книги што ме чекаат и листа на серии што треба да ги гледам. Не можам да замислам ништо полуксузно од тоа да можам да вежбам јога или да трчам секој ден во неделата, кога и да ми текне. Плус, ќе имам многу повеќе време да си спремам здрава храна, да спијам колку сакам и да се вратам на зелен чај наместо кафе. Планирам да го тргам телефонот и да го исклучувам ѕвонењето што е можно повеќе.

Што мислиш дека ќе ти биде најтешко?

Не гледам што би ми било тешко.

А што најмногу те радува?

Колку и да звучи себично, највеќе се радувам што ќе се фокусирам на себе. Празниците дозволуваат ретка празнина во времето да можеш да го правиш тоа. Сите ќе бидат зафатени со скијање, сончање или гледање со семејството, па никој нема да биде навреден кога ќе ме снема. После две недели исклучување, мислам и дека ќе ми биде драго да се вратам на работа.

Тревис Вивер

27-годишен дизајнер и стилист од Бруклин

Кој празник ќе го поминеш сам и зошто?

Останувам во Њујорк за Божиќ и Нова година. И порано сум бил одвоен од семејството за празници (дечко ми е од Австралија па одиме таму или во Европа за празниците), но оваа година прв пат ќе ги поминам сосема сам.

Што ќе правиш?

Ќе шијам есен/зима колекција за мојот бренд One DNA. Освен тоа, имам и обична работа од 9 до 5, па ќе го искористам празникот за шиење. Веројатно ќе си зготвам веганско чили и ќе го јадам на Бадник и на Божиќ.

Што мислиш дека ќе ти биде најтешко?

Јас сум човек што сака цело време да биде опркужен со луѓе. Ќе биде тешко да немаш човечки интеракции, затоа што и моите пријатели ќе бидат некаде отидени. Може ќе одам до Проспект парк да се измешам малку со луѓе, или на лизгање.

И отсуството на новогодишниот бакнеж ќе биде тешко. Дечко ми ќе биде во Австралија со семејството, па ќе се видиме на Фејстајм да наздравиме. Ова ќе ни биде прва Нова година разделени.

Што те радува?

Дека ќе шијам. Тоа ми е пасија, но немам секогаш време да се посветам на тоа во една исполнета работна недела. Секогаш кога шијам учам нешто ново за машината.

Се радувам и што ќе јадам од омилената храна (чипс и салса, хумус со пита и колачи со овес и суво грозје) и ќе гледам телевизија или филмови (Блек Мирор ми е на список).

Тиаго Валенте

38-годишен мултимедијален уметник и креативен директор од Њујорк.

Кој празник ќе го поминеш сам и зошто?

Сам ќе ги поминам Бадник и Божиќ, што е совршена шанса да одам на дејт со мојот внатрешен Гринч. Моментално немам никакви планови и отворен сум за сè што ќе посака мојата мрачна страна. Друг пат сум се обидувал да ги поминувам празниците покрај океан. Дел од семејството ми е од Бразил и пораснав следејќи ја бразилската традиција на скокање преку седум бранови, еден по друг. Тоа е во чест на божицата на морето. За секој скок, можеш да посакаш желба за новата година. Иако нема да бидам во Бразил оваа година, океанот ми е оддалечен на едно возење со воз. Јас сум глобален номад и истражувач, и порано сум бил сам за празници, но сум се обидувал да ја тргнам таа стигма со тоа што сум барал авантури. Патував до средината на една џунгла, живеев со племиња, учев да зборувам со вулкани и развив уметнички иновации на некои од најнеочекуваните места на светот. Сепак, оваа година избрав да останам во Њујорк и во моментов ми текнува дека сите некаде ќе одат… ах. Се обидувам да го преправам тоа во глава, како можност да си ја продолжам личната традиција да земам една ситуација што изгледа тажна или осамена однадвор и да ја трансформирам во возбудлива нова авантура. Веќе ми врие креативноста.

Што ќе правиш?

Ќе навлезам во една нова авантура на јавна интервенција и ќе „нападнам” неколку места во градот со нов уметнички проект. Не можам многу да откријам за тоа, затоа што ќе се уништи изненадувањето, но бидете на штрек и внимавајте на хаштагот #talktoyouralterego.

Што мислиш дека ќе ти биде најтешко?

Ладното време! Дај ми убоди од тропски комарци наместо нос што тече, жити сè.

Што те радува?

Една од највредните лекции што ги научив од моите минати авантури е дека креативноста е универзален јазик кој надминува секаква културна, социјална или емоционална бариера. Креативноста ги зближува заедниците и иницира разговор. Затоа не сум загрижен што сум „сам” затоа што самотијата е празен простор што чека да биде исполнет со најнеочекувани средби и прекрасни разговори. И знаете што? Спремен сум да ја дегустирам секоја таква секунда.

25 декември 2017 - 13:52