Овие изгледа не чуле за јорган од чеиз

Gravity ќебето е Кикстартер проект осмислен со цел да му се помогне на делот популацијата што има проблеми со спиење - поубаво да спие. Имено, ќебето е конструирано еднакво да ја распоредува својата тежина од 6 до 9 кила врз тебе, за ти кога ќе си легнеш да се почувствуваш како некој да легнал врз тебе. Тоа божем е удобно и се чувствуваш заштитено, ама да се разбереме, нашите прабаби одамна го имаат ова хакнато.

Проектот е поддржан од скоро 24.000 луѓе со 4,729,263 долари. Тежи околу 756 кила помалце од бапски, зимски јорган (уште ако замислите онаква навлака со отвор во вид на баклава, сè ви е јасно), и луѓето се воодушевени од крајниот резултат - нив им тежи, како да им легнал човек. А не е дека не делува удобно, особено деновиве кога ултра безобразно заладува без осет.

Што е науката зад сето ова?

Тешки ќебиња веќе одамна се користат во медицината (ви текнува на филмови, без разлика дали паднале од точак или преживеале од пожар кога ќе им притрчаат со ќебе?) и се доста корисни, а од неодамна се појавуваат и во научни истражувања. Креаторите на проектот тврдат дека она што е откриено е неверојатно.

„Гравити ќебето користи сила на проприоцептивност (божем попознато како стимулација со посилен притисок на допир), популарен терапевтски метод кој стимулира точки на телото поврзани со подобро спиење, расположение и релаксација.

Резултатот е намалување на нивоата на кортизол и зголемување на производството на серотонин, што води до намалување на крвниот притисок.”

Да, фино звучи, ама како што реков, одамна е хакнато од прабаби. Ама ако ви се даваат од 189 долари па нагоре...

28 септември 2017 - 23:53