Отпуштена уредничка од Вог го направи списанието парче

Внатрешната машинерија на Вог отсекогаш била атрактивна и фасцинантна. Знаеме дека модната индустрија е сурова и безобразна, а сепак во несвест паѓаме секогаш кога на екран ќе се појави Мерил Стрип во „Ѓаволот носи Прада“. И изгледа е баш така, според една поранешна уредничка од Вог.

Лусинда Чејмберс пред 2 месеци го напушта Вог после 36 години, од кои 25 работи како моден директор. Пардон, не го напушта. Ја отпуштаат. Конечно прозборува за тоа во едно интервју за модниот блог Вестој, но после неколку повици од правни служби и адвокатски канцеларии, интервјуто е изменето, што секако не го спречи Твитер да создаде еден цел театар од воскликнување и поддршка за Чејмберс.

За да биде пристојно и прикриено, Вог објави статија дека Чејмберс „ќе си оди“, но нејзината верзија не е баш „си оди“.

„Пред месец ипол бев отпуштена од Вог. Три минути им требаа. Никој не знаеше,“ го почнува таа интервјуто.

„Ни менаџментот ни уредникот за кој работев дваесет и пет години немаа поим. Ни од човечки ресурси. Дури ни претседателот на компанијата не знаеше. Никој, освен човекот што го направи тоа – новиот уредник (Едвард Енинфул),“ додава.

Кога им пишале од Мешабл да ги прашаат, портпаролот на Вог изјавил дека е вообичаено нов уредник да прави промени во тимот и дека сите измени се со одобрување од менаџментот, но одбиле да коментираат понатаму околу интервјуто.

Но Лусинда Чејмберс не запира со искреноста, одејќи до таму да каже дека не читала Вог со години, дека модните списанија го имаат изгубено својот авторитет и повеќе не се корисни.

„Многу малку модни списанија денес ти даваат чувство на моќ. Повеќето те оставаат со анксиозност, затоа што не си направил некаква забава како што треба, не си ја наместил масата убаво, и не ги познаваш вистинските луѓе. Искрено, не сум читала Вог со години.“

Според неа и облеката што ја има во Вог е „нерелевантна за повеќето луѓе“, затоа што е „толку неверојатно скапа“.

А за тоа како човек може ментално да попушти во модната индустрија, особено во ерата на социјалните мрежи на кои сите имаат совршен живот вели, „не ти е дозволено да не успееш во модата. Никој не смее да потфрли.“

Интервјуто (за жал изменето сепак) може да се прочита тука. Во старт може да се види дека дрскиот пристап од погоре за отпуштањето е изваден, а наместо тоа стои „му се јавив на адвокатот и ми рече: што сакаш да правиме.“

Лусинда Чејмберс решава да оди до крај со искреноста и да не го послуша советот на една нејзина пријателка која и вика „немој да правиш приказна од ова. Приказната треба да биде за твоите прекрасни 30 години кариера во Вог.“

На тоа, Лусинда Чејмберс одговара со: „Не сакам да бидам таква. Не можам да наместам храбар израз на лицето и да им викам на сите „Па знаете, јас решив да напуштам,“ кога сите знаат дека бев отпуштена. И така е проблематична индустријата. Не напуштив. Отпуштена бев.“

7 јули 2017 - 10:03