Олабавете ги малку „ноќните птици“

Луѓето секогаш ги фалат ранобудниците, а со недоверба гледаат кон тие што функционираат ноќе. Што е подобро?

Голем дел од истражувањата покажуваат дека има здравствени придобивки од станување и легнување рано. Во едно конкретно, собрале и од едната и од другата група и им ставиле тракери за активност на рака. Резултатот покажал дека тие што порано го почнуваат денот имале 60 до 90 минути повеќе активност за време на денот од оние што останувале будни навечер. Таа физичка активност го намалува ризикот од сериозни здравствени проблеми.

Други истражувања укажуваат на намален ризик за депресија кај ранобудниците, помали шанси за дијабет тип 2 и продолжување на животот.

Сепак, не се сите вести лоши за луѓето што седат до доцна - креативноста им е поголема, а реакциите побрзи.

Некои доктори дури и не сакаат да изберат кое е поздраво - не сакаат ни да ги критикуваат ноќните птици. Нашата 24-часовна култура е дизајнирана да зависи од нив - ако ти се слоши после полноќ, зависиш од луѓе што работат трета смена, ако леташ со авион во сред ноќ, исто така би сакал пилот што може да функционира и да реагира брзо во тие саати.

Наместо да се трудиме да го смениме распоредот и да стануваме рано, кога веќе сме навикнати на ноќно функционирање, лекарите препорачуваат да се фокусираме на цели седум или повеќе часови сон. Ако распоредот дозволува, тогаш полесно е да се држиме до она што ни е удобно, наместо да се обидуваме да го смениме тоа. Ако се мачиш да станеш во 7, а природно ти е да стануваш во 9, нема проблем, сè додека имаш физичка активност и јадеш како што треба.

17 октомври 2023 - 11:07