
Г-це Тату, некаде прочитав дека размислувате да се откажете од актерството. Вистина е?
Имаше гласини дека сум решила да престанам. Скроз се лажни. Си ја обожавам работата. Ги сакам луѓето што ги запознавам и улогите што ми ги даваат. Така што не, не планирам да престанам. Имам и други интереси и други нешта во кои уживам, но тие не им пречат на филмовите.
Кои се тие други нешта?
Патувам, пишувам, фотографирам, читам, цртам. Имам мои мали проекти кои засега се само за моите очи. Можеби еден ден ќе се осмелам да ги претставам пред луѓе, но засега не се чувствувам способна за тоа.
Затоа што немате доволно време?
Не, не е тоа проблемот. Не снимам четири филма годишно, па имам време за сите тие работи. Она што ме блокира е недостатокот на самодоверба.
Ви недостасува ли самодоверба и како актерка?
Да. Таа самодоверба ја барам во режисерот со кој работам. Режисерот ми ја дава дозата на самодоверба која во остатокот од времето ми недостасува за да се чувствувам потполно сигурна.
Да не сте можеби престрога кон себе?
Не значи дека мислам дека сум за никаде! Знам да донесам позитивен или негативен заклучок за улогите и сцените што ги имам. Дел од работата што ја имам завршено ми е добра и кога се гледам, гледам дека ни за момент не излегувам од ликот. Често, во повеќе мои филмови, ќе се гледам и ќе заклучам дека во една или во друга сцена не сум била баш на место. Но, не се измачувам себеси дека не вредам за ништо и не се прашувам зошто ме избрале.
Па тогаш, што ви значи кога ќе речете дека ви фали самодоверба?
Сакам да кажам дека немам поим што мислат луѓето за мене и што гледаат преку мене. Секако дека има луѓе кои ме ценат, но има и такви што не ме ценат. Често сум изненадена кога ќе ме ангажираат луѓе што сум мислела дека не ме сакаат, како Мајкл Гондри на пример. Не би ни помислила дека ќе ме викне во негов филм.

Би се изненадиле ако ве викне холивудски режисер, Спилберг, на пример?
Мислам дека тешко ќе му текне на мене.
Ќе беше полесно ако останевте во Холивуд после „Кодот на Да Винчи”.
Можеби, но мислам дека човек мора многу да се жртвува во Холивуд за да добие интересна женска улога. Мислам дека има многу прекрасни улоги во Холивуд, само не мислам дека би ми ги доделиле мене. Мислам дека Холивуд не функционира така.
Зошто не?
Јас направив некои избори во кариерата што значат дека нема да се случи тоа. Да те изберат тие режисери значи дека треба да си способен да донесеш пари. Не дека не можам, но индустријата не работи така. Секако, мислам дека грешат што не ме бираат. Но не ме инересира буџетот на филмот, или ресурсите што ги има или колку е популарен глобално. Сакам нешто што ме возбудува.
Какви филмови ве возбудуваат?
Некои филмови се чисто за забава, се разбира, но она што ме интересира се проекти кои те тераат да мислиш, кои те допираат, што ќе ти донесат нешто што долго ќе се задржи во тебе. Мислам дека филмовите се круцијални за интелектуалното освестување кај луѓето. Уметноста, без разлика дали е слика, скулптура или музика – е создавање, креативни дела. Филмот, со сè што влегува во него, мене ми е уметност.
А глумењето?
Глумците интерпретираат. Не можете да го споредите глумењето со друга форма на уметност. Не би рекла дека самата глума е уметност, но филмот како целина е.
Но уметноста е форма на изразување, а глумата е нели начин да се изрази човек?
Не се работи за тоа дали глумецот се чувствува или не се чувствува како уметник, затоа што, да бидеш уметник е всушност за изразување и разоткривање себеси. Разликата е што, кога си глумец, си под режија на некој друг.
И немаш многу слобода во твојата улога.
Точно. Служиш на идеја што не ти припаѓа тебе, па се разбира, ќе додадеш и твоја емоција, талент, визија, интелигенција, но ти не си изворот, потеклото на креацијата. Затоа актерот не е создавач, туку интерпретатор. Кој е уметникот, човекот што го смислува предметот, го измислува, или тој што го прави?