Новиот Чаки е геј-френдли

Знае некој да каже колку „Детска игра“ филмови излегоа до сега? Приказните за хорор-куклата Чаки се движеа од сериозни обиди за страшно до самопародирање, ги има еден куп, па некој одлучил дека нема да боли уште една инсталација. Само што, оваа, што доаѓа во октомври, има ново - прво е серија, а второ има геј подтекст.

Насловот ќе биде едноставно „Чаки“, за разлика од оригиналот од 1988 и неговите продолженија, а приказната е сместена во американско предградие (а каде инаку почнуваат сите хорори?). Централниот лик е Џејк Вебер, 14-годишен геј средношколец што во слободно време прави чудни скулптури од делови од кукли.

На распродажба во гаража открива кукла со портокалова коса, ја купува и ја носи дома, за на крај да открие дека (замисли!) дека е жива, па уште и манијак опседнат од духот на сериски убиец. И следи крвопролевање достојно за љубители на сите класици.

Бред Дуриф, гласот на Чаки од старите филмови ќе се врати. Трејлерот одлично ја илустрира приказната на Џејк - малтретирањето во школо и справувањето со смртта на мајка му, а ќе биде и занимливо да се види како ќе се снајде приказната во ТВ-формат.

Фановите на оригиналните филмови „чекаат нешто мрачно и крваво, а серијата е полна со такви работи,“ кажа Алекс Винсент, актерот од оригиналната постава на Комик Кон во Сан Диего. „А за поновите фанови, малку е поразвиено во однос на тоа зошто е таков каков што е. Навистина е креативно прикажано. Сѐ уште е мрачно како и секогаш, но ќе можеме да го видиме Чаки во едно поинакво светло, а и што добива од интеракција со луѓето.“

Доаѓа на 12 октомври. Ако се раководиме според трејлерот, може да е забавно ама не и стражно - веројатно проблемот е суштински - Чаки не затвара уста и упорно се демистифицира.

Трејлер:

24 август 2021 - 12:03