Немаат сите филмови умна порака

Иако гледани и сакани, малку подлабинско размислување за некои популарни филмови нè носи до заклучок дека лекцијата „што ја нудат“ баш и не е паметна. Среќа па, не гледаме филмови само заради лекции.

На пример, првиот дел (а и серијата) „Сексот и градот“, сака да каже дека е во ред да се вложува и повеќе од 10 години во токсична врска - затоа што на крај, тој сепак ќе се промени. Можеби и има такви реални примери, околу четири ипол на глобално ниво, ама најчесто не се исплати. Уште една проблематична порака: Троши пари на брендирани парчиња и не мораш да имаш ништо заштедено.

Друг филм за кој се зборуваше до бесвест, и уште се зборува е „50 нијанси сиво“, од каде што пораката е - може да биде и токсичен и љубоморен и проблематичен и нефер, па и да му помине квази-садомазо договор, само затоа што е богат. Во еден од другите делови, да се потсетиме, проблематичниов не можеше да поднесе дека жена му работи на место каде што тој нема комплетна контрола.

Па, ја купи фирмата. Од што ја сака, не друго.

„Брилијантин“ бил и ќе биде драг филм, константа во младоста и детството на многумина, но веќе се наоѓа на сите списоци за „проблематичен“. Пораката е - смени се, за да те сака. Како Сенди, нели, што облече кожна јакна за конечно Дени да ја сфати сериозно. Сепак, критичарите забораваат еден битен податок, па во одбрана на „Брилијантин“: Пред култната сцена со Tell me about it... stud. Дени е веќе облечен во глупо џемперче, исто така во обид да стане „попристоен“ за да се најде со Сенди на половина пат.

И на крај, „Свадбата на мојот најдобар пријател“ - дека смееш да бидеш ужасна личност, ако е во името на љубовта. Џулија Робертс проба да уништи среќна врска, затоа што отпосле ѝ текна дека сепак била вљубена во другарот од некое друго време. Го вади разврската.

Она што на светот никако да му се разјасни е што филмовите се производ на своето време, па затоа - ѕирнете проблематичен филм од пред минимум 20 години и не се потресувајте околу тоа како лошо воспитува. 

22 мај 2025 - 12:00