„Прегорувањето од грижи е чувство на истоштеност и ‘преку глава‘ од секирации. Од една страна сме преуморни да продолжиме и понатаму да се секираме, а од друга - не можеме да се опуштиме,“ објаснува Др. Ина Казан, клинички психолог од Харвард. „Треба да престанеме со грижи затоа што просто немаме енергија или мотивација да продолжиме понатаму, а истовремено, не можеме да баталиме.“
Чувството е слично на „не можам да заспијам од умор“.
Знаците се чувство на стагнација и празнина, кога ќе заглавиме на загриженост за едно те исто цело време. Истовремено, кога сме на овој начин прегорени, посегнуваме по „исклучувачки“ активности и склони сме да бидеме со главата во песок, На овој начин, неподносливото станува подносливо, и овој сет реакции служи за да се минимизира преплавеноста што нѐ стресува.
Уште еден знак е физичката исцеденост што се чувствува при вакви ситуации, како и чувството на очај, безнадежност и беспомошност. Телото престанува да се грижи за потенцијални опасности затоа што „смета“ дека не може ништо да направи по тоа прашање и се откажува, па не чувствува ни потреба да ги средува работите.
Сето ова не е лесно да се надмине, но добар почеток е да се стишаат сите тие „што ако“ што ни се мотаат по глава, бидејќи многу често се работи за сценарија што тешко дека можат да се остварат.
Друг (и многу потребен) чекор е да се разграничи што е во наша контрола, а што не. Ако се помириме дека немаме контрола над некоја ситуација, товарот станува полесен. За некои ќе помогне и тенденциозно внимавање на менталниот склоп, со помош на јога, таи чи и медитација со пешачење.
Останува на крај да внимаваме на односите со луѓето - да се опкружуваме само со луѓе што ни влијаат добро и да најдеме време за креативен вентил. Може да биде било што - сликање, танцување, масажа, музика, цвеќиња... Само да се работи физички, со раце и со тело.
И на крај, бидете фини со себе. Реално, ако им се обраќавте на пријателите исто како што си се обраќате самите на себе, колу пријатели ќе ви останеа?