Не кажав да!

Њујорчанката Мери Мекарти во знак на протест на сите тие слики на социјални мрежи со раче, прстенче и „Кажав да!” си го слика рачето без прстенче кај стигне. Царица.

Со сите нишани: позата на раката, средени нокти, интересна позадина ама - без прстен.

Нејзиниот Инстаграм профил се вика пригодно @notengaged и таму ги споделува авантурите на нејзината „неверена” рака додека патува или едноставно ужива по дома.

Го направила некогаш кога се вратила дома после веридба кај другарка (била „деверуша 7 милиони пати” па изгледа често ја викаат по такви работи).

„Си земав такос по пат накај дома и на другарките им пратив слика со коментар ‘кога не си верена, ама си имаш такос’. Инстаграмот почнал како интерна шега меѓу неколку души, а „сега е многу поголема интерна шега”, како што кажува Мекарти.

Поточно, сега е заебанција меѓу 106.000 следачи и како дрога им е на сингл луѓе. Меѓу нив и такви што коментираат „живеам во постојан страв дека еден ден стварно ќе се свршиш и сето ова ќе заврши.”

Некои од позабавните фотографии се направени и на свадби кај пријатели на кои Мекарти вели дека ужива да оди.

„Можеби е неочекувано, но јас се радувам кога другарките ќе ми кажат дека се мажат и го славам тоа,” вели таа. „Само што, видов дека недостасуваат содржини што ги слават сингл-жените и профилот е еден смешен начин да се потсетат луѓето да си го слават животот, без разлика на љубовниот статус.”

А што ќе се случи ако конечно стави прстен на празниот прст?

„Во моментов сум сингл и многу патувам, ама без гајле, ќе сменам за 180 степени и само прстенот ќе го сликам секој ден.”

 

 

 

извор 

28 октомври 2019 - 14:14