Не ги одложувајте викендите со другарките

„Ве сакам, другарки.” Некаде меѓу смеење и солзи, Енџи Фредериксон од Хафингтон Пост им го кажува ова на другарките на аеродром, пред сите да се упатат на различни летови. Вака им завршува женскиот викенд и сите се враќаат на вистинските животи. После тоа, седнува и ја пишува оваа препорака.

Викендот - совршен. Шест другарки се среќаваат во Њујорк за да го прават она што најдобро знаат да го прават: да се дружат, да се смеат и да евоцираат спомени. Пред дваесет и кусур години, се среќаваат случајно кога ги привлекува истиот колеџ. „Универзумот сигурно знаел дека совршено ќе се надополнуваме меѓу себе, затоа што тие девојки до ден денес ми се најблиски другарки. Всушност, сега сме поблиски отколку кога одевме заедно на факултет,” коментира Фредeриксон.

Раштркани се: Тексас, Мичиген, Илиноис, Вирџинија, Конектикат, а една дури во Лондон. А да избереш датуми за средба е како комплицирана сложувалка. Мораат сите да се согласат околу рецитали и фудбалски натпревари на децата. И ако ги елиминираат сите датуми кога одговорностите се наметнуваат на дружењето, на крај може да им остане некоја среда, за 18 години од сега.

Понекогаш бегањето изгледа како да не вреди за напорот. Треба да искоординираш деца, домашна логистика и бара математички алгоритам за сè да се оствари. Па после имаш вина што оставаш сопрузи и семејства за да правиш нешто за себе. Некако, женските викенди изгледаат себично. Претерување, дури. Лесно е да се откажеш од идејата и да ја оставиш за некое подобро време.

Но! Женските викенди со стари другарки не се само одмор. Тоа е допир со реалноста и со луѓето што најмногу нè познаваат, и тоа нè оддржува. Премногу сме навлезени во нашето секојдневие и домови, со дворови, играчки и комшиски драми и почнуваат да ни изгледаат неверојатно важни. Кога ќе заглавиш во предградски живот и секојдневни семејни обврски, тешко се гледа подалеку од тој круг, а не постои нешто подобро од стар пријател што ќе те извади од тој калап и ќе ти наметне перспектива на работите.

„Ние шест конечно се договоривме кој викенд ќе се видиме и букиравме летови. Додека купувавме по Апер Ист Сајд и шетавме по Централ Парк, си кажувавме сè што ни лежеше на душа. Раскажувавме стари приказни што ни враќаа прекрасни спомени, се смеевме толку многу, што мислевме дека пост-породилните бешики ќе ни откажат. Ги набројувавме сите глупави работи што сме ги направиле, работите што сме престанале да ги правиме и оние што не треба да се кажуваат гласно. А сепак, ги кажувавме гласно, во нашиот безбеден круг, каде што премногу информации се правило.

Менхетн ни беше сцената за средба, но можеше да биде било каде. Не е важно каде одиме, затоа што само сакаме да се дружиме и од секоја од нас да излезе заборавената студентка. Се сеќавате на неа? Девојката што не дозволуваше нешто да ја спречи ако Мелроуз Плејс е на телевизија и што знаеше дека бендот во комшискиот кафич е совршена причина да не се учи таа вечер. Одговорна беше само за себе и ништо не сфаќаше пресериозно.”

Лесно е да се заборави таа девојка со слободен дух, затоа што се губи низ организирањето на семејниот хаос. Порано била многу поприсутна во моментот, веројатно затоа што не ни знаела како поинаку, но едно е сигурно - нешто правела како што треба. И таа девојка е сè уште тука некаде, само е закопана под зрелост и практичност. Минувањето време со старото друштво ја вади надвор и ја парадира наоколу, а тоа е добро.

Старото друштво ја познава душата на вистинската личност под сите секојдневни детали и можеби тоа е најдобриот дел од вас што може да се познава. Без разлика на различните возрасни животи, со или без кариери, со деца или без, со различни борби, „ние сме се уште истите девојки кои бевме пред 20 години. Само забораваме затоа што на грб ни стои одговорност - а женските викенди се потсетникот што ни треба,” вели Фредриксон.

Од каде и да ви доаѓа старото племе - колеџ, средно, камп, стара работа - најдете си другарките од времето кога бевте други и чувајте ги блиску, затоа што ви се конекција со еден дел од себе што можеби сте го изгубиле. Јавете им се и почнете да го планирате следниот женски викенд. Може ќе ви биде напорно и тешко, можеби ќе биде догодина - ама сигурно ќе вреди.

5 април 2019 - 18:08