Најстарата аптека во светот

Уште продава течности за ограбувачи на гробови и кралици.

Многу одамна, фармацевтската индустрија била целосно во рацете на монаси и калуѓерки и манастирите палеле и гаселе на тема интелектуално учење и медицинска пракса. Средновековната медицина во западна Европа била микс од псевдо-научни идеи од антиката и средновековни манастири кои имале пристап до античко-грчки медицински дела. Идентификацијата на симптомите и лековите станала примарен фокус на црквата и пред развојот на болниците, луѓето од околните гратчиња се движеле по манастири за да се лечат.

Така, најстарата аптека на светот е сместена во капела од 16 век во Фиренца и сѐ уште продава древни напивки, како на пример Оцет на седумте крадци, првиот современ парфем, па дури и ликер од бубамари.

Во 13 век, доминиканските фратари основале градина надвор од ѕидовите на Фиренца и почнале да експериментираат со медицински растенија во нивната болница. Кога излечиле некој богат локален трговец, во знак на благодарност им ја изградил капелата Сан Николо за таму да можат да работат.

Нивните напивки станале познати во 1612 и сакристијата на Сан Николо станала отворена за јавноста. Колку повеќе профит имале, толку повеќе можеле да инвестираат во истражувања и развој.

Аптеката е позната по неколку иновативни рецепти. Оцетот на седумте крадци е ароматичен раствор за вдишување кој ги заштитувал луѓето од чума. Според легендата, седум крадци биле фатени како крадат од мртвите за време на ужасна наезда на Црната смрт и никој не можел да сфати како избегнувале да се заразат. Крадците тврделе дека имале таен раствор за мирисање кој ги штител.

Судија ги осудил на смрт, но очаен за одбрана од болештината, ветил дека ќе поштеди било кој од нив што ќе го каже тајниот рецепт. Крадците тврделе дека течноста има 7 состојки и дека секој од нив знае само по една. Така морале сите да бидат ослободени ако судијата го сака рецептот за тајниот еликсир. Ги ослободил и за кратко време течноста почнала да се продава во аптеката.

Се продава и ден-денес.

Хемичарите успеале и да го направат првиот парфем на база на алкохол, Аква дела Регина, во 1553. Во тоа време, парфемите користеле база од маслиново масло или оцет. Овој парфем бил подарок за збогум за Катерина де Медичи која ја напуштила Фиренца за да се омажи за кралот на Франција.

Во 1794, создале алкохолен ликер како медицински пијалок кој длабоката црвена боја ја добивал од сушени и гмечени бубамари - го давале на тазе породени мајки за побрзо да се опорават од пораѓањето.

Аптеката Санта Марија Новела сè уште може да се најде во Виа дела Скала во Фиренца. Постои цели 800 години и веќе е раширена во многу градови во Италија и избрани земји.

22 септември 2022 - 00:01