Викајте ги како сакате - бувљак, second-hand, винтиџ… Ваквите продавници знаат да кријат такви неверојатни богатства, што просто ќе се замислите дали тоа што сте го купиле од Зара пред 2 дена има воопшто некаква вредност (има, ама не е тоа муабетот).
Во Лондон ја има например Оксфам, во Вестборн Гроув. Стилистот на нивната септемвриска кампања, Беј Гарнет вели дека „Има многу јаки работи. Си најдов пар машки Гучи чевли и бел каиш со нитни. А има по нешто за секого.”
Ако се најдете во Лондон, адресата е: 245 Westbourne Grove, Notting Hill, London W11 2SE
И додека сте во Лондон, го имате и пазарот Портобело. Гарнет вели: „Петок наутро е најдобро. Одлична облека, дефинитивно се наоѓа нешто посебно - од прекрасен Оси Кларк фустан од ’70-ти, до излитена Левис тексас кошула. Гледајте да бидете таму до 9.”
Трето, Британскиот црвен крст, во црквата Сент Челзи. „Низ годините имам наоѓано многу одлични ствари. Сафари кошула Сан Лоран, џемпер од кашмир, облека од ’70-ти. Бабите од Челзи расчистуваат по дома и носат.”
Релик, на Голборн Роуд, исто така во Лондон мора да го видат луѓе што бараат дизајнерско винтиџ - фустани Жан Муир на пример, дури и рана Вивиен Вествуд.
И да не се најдете во Лондон, сфаќате какви места треба да се ловат за да се бараат скриени богатства? Црвени крстови, продавници со ознаки на одредени фондации...
Од таму воз, и во Париз барајте Роуз Маркет Винтиџ, каде што можат да се најдат тексас јакни од Жан Пол Готје, Ив Сан Лоран, ташни и менѓуши на штипка Нина Ричи. Само проверете кога затвора.
Адреса: 19 Rue Milton, 75009 Paris, France
Од таму бирајте превоз до Сиена, во Италија: се наоѓаат парчиња од ’50-ти, ’60-ти и ’70-ти, плус автентични додатоци.
Адреса: Via del Porrione, 23, 53100 Siena, Italy
Ако се најдете во Токио (онака, случајно, де), барајте Торо - една од најдобрите винтиџ продавници таму, со сериозна репутација заради внимателното бирање на сезонски парчиња.
Адреса: 1-2-10 Jingumae, Shibuya-ku, Tokyo
Во Барселона има Ле Свинг Винтиџ, за луѓе што сакаат твид, џемперчиња и стил што е малку бапски-шик. Блејзери од твид, винтиџ килтови од Версаче и џемпери во сите бои, плус по некој дизајнерски пар кондури.
Адреса: Carrer dels Lledó 6, 08002 Barcelona, Spain
Во Њујорк, љубителите на тексас ќе се избезумат во Quality Mending Co. - скинато, излитено, работничко, јакни и фармерки во сите можни варијанти.
Адреса: 15 Prince St, New York, NY 10012, US
И кога ќе размисли човек, многу е фино на сите тие незаборавни искуства на едно патување, да додадеш и уникатно патување-ception до винтиџ продавница, каде што ќе најдеш нешто многу позакон од магнет за на фрижидер. Или, купи си ти магнет. Ама ловење на бувљаци и чудни ќошиња што понекогаш кријат Гучи што веќе не се произведува (и чини третина и помалку од реалната цена) е уште подобар спомен.