На Вим Вендерс му се лоши од денешните филмови

Режисерот кој доби Златна палма за „Париз, Тексас“ и оваа година има два филма во Кан, се жали за новите приказни во мејнстримот.

Вим Вендерс е разочаран од доминацијата на „римејк“ филмовите и повторувачките филмски франшизи.

„Ми се лоши,“ вели 77-годишниот Вендерс. „Мислам дека имагинацијата се сведе на ‘како да направам варијанта‘, наместо ‘како да смислам нешто ново‘. За мене ова не е раскажување приказни. Да направиш римејк не е раскажување приказна. Тоа е повторување на приказна што е веќе раскажана, а мене единствена желба ми е да откријам како да се раскаже една приказна. А потоа да ја заборавам.“

Филмовите на Вендерс се отпорни на римејк поради нивната визуелна и естетска уникатност. Но, сепак тој се жали дека ова не е секогаш проблем кога ќе се намерачат за римејк. „Гo преправија Wings of Desire во City of Angels. Но, користеа заплет како главна движечка сила, кога Wings of Desire е комплетно испразнет од заплет. Тоа малку заплет што го имаше, тоа го направија движечка сила.“

Според него, 3Д е потценет ресурс. Вели дека неколку пати се обидел да ги покаже поетските можности на раскажување приказни во 3Д и ги охрабрува студентите и младите филмаџии да го користат. Додава и дека Канскиот филмски фестивал е многу променет од 1984 па наваму и дека сите што доаѓаат не се баш толку ориентирани на кинематографија.

„Сега има многу луѓе кои го сакаат бизнисот на правење филмови. А бизнисот не смее да биде главниот фокус, иако одат едно со друго. Бизнисот води сè во денешно време. Серии, франшизи, римејк - или ‘рецепти‘ за филмови. Ме разочарува тој успех на филмови по рецепт.“

23 мај 2023 - 00:00