Да можат сликите да зборуваат:

Муза, уметник и моделот зад „Офелија“: Животот на Елизабет Сидал

Одиме кај Предрафаелитските сликари и зумираме кај нивната необична кралица „Офелија“. Ја инкарнирала вистинска жена, г-ца Елизабет Лизи Сидал, попозната како супермодел на Предрафаелитите, а помалку позната како важен и влијателен уметник. Нејзината приказна е и херојска и впечатлива, слично како на шекспировската икона за која му позирала на Џон Еверет Миле во 1851, на 23-годишна возраст.

На Сидал како да ѝ било судбина да заврши на платната на Предрафаелитското братство - новото уметничко движење основано во средината на 19-тиот век. Во нејзе гледале манифестација на целата таа етереална енергија што им требала. Била висока скоро 1.8м, имала од далеку забележлива густа коса со бакарен сјај и во тоа време се разликувала од крупните убавици што ги имало по слики - бледиот викторијански тен го имала, но високата, слаба фигура станала „новото лице на модата.“ Лусинда Хоксли во „Лизи Сидал - Трагедијата на Предрафаелитскиот супермодел“ пишува: „Нејзината висока, машка фигура, без гради и колкови воопшто не била според викторијанскиот стандард за убавина.“ Јавноста во нејзе гледала нешто интригантно, а и нешто вештерско во нејзината бакарна коса и одбивањето да носи корсети - наместо тоа си правела лабави алишта. Често ја исмевале во весници, а еден новинар забележува дека во викторијанското општество, „идејата за црвена коса била еднаква на социјално самоубиство.“ Потресот бил во самодовербата на Сидал и во нејзиниот изглед и во нејзиниот стил.

Предрафаелитското братство издржало само неколку години, но тоа не значи дека не го превртело уметничкиот свет на глава. Го основале група машки уметници кои припаѓале на средна до висока класа, и го смениле она што им било досадно во уметничкиот свет, а и реално губело публика од 15-ти век натаму. Наместо да се фокусираат на религиозни слики каде центар е Божјиот син, сакале да стигнат директно до самите божји креации. Да поминуваат време во природа, без таа да биде само позадина, туку главен лик - и сето ова долго пред да се појават импресионисти. Сакале боја, трагедија и романса. А најмногу од сѐ, сакале муза. И во 1849 ја нашле во продавница за шапки во Лондон.

Пред-рафаелитот Волтер Деверел наводно се шетал во уличка зад Лестер Сквер еден ден, кога ја забележал 19-годишната Сидал на работа во продавницата (на иста возраст, случајно, од анонимност Роберт Алтман ја извлекува Шели Дувал). Неговиот пријател Вилијам Холман Хант до детаљ раскажал што му кажал на братството тој ден:

„Пријатели, немате поим какво неверојатно прекрасно суштество сум нашол. Жими Господ! Како кралица е, величествено висока, со прекрасна фигура, убав врат и лице како најделикатна и комплетна скулптура: површината од слепоочниците до образите ѝ е извајана како кај Фидијска божица…“

И успеал да ја убеди Сидал да му биде модел за Виола во сликата „Ноќ спроти водици“.

Ете ја Виола, лево.

А убедување требало, затоа што во тоа време имало многу стигма за моделите на уметниците. Сидал не ни била од истиот ешалон како Рафаелитите, туку жена од работничката класа. Била писмена и посветена на поезија и уметност - но, додека овие мажи се едуцирале на Кралската академија за уметности, Сидал дома ја учела мајка ѝ, а наводно прв пат „вкусува“ поезија од парче путер - кое случајно било замотано во страница од дело на Алфред Тенисон, кој во тоа време е огромно влијание за Предрафаелитското братство.

Сидал веројатно имала голема дилема по тој предлог. Од една страна, добива шанса да се нурне во светот што толку го сака (и самата сакала да биде поетеса), плус можела да заработи многу повеќе пари со едно седење, отколку со мерење глави на муштерии. Од друга страна, ова можело да уништи женска репутација засекогаш.

Со одобрение на нејзините родители, Сидал ризикувала и почнала добро да заработува како модел. Наскоро, нејзиното лице го имало насекаде, а сѐ повеќе и повеќе веѓи се кревале. Како така го сликаат Исус како обична, второстепена фигура? „Христос во куќата на родителите“ на Миле била прогласена за богохулна. Дури и Чарлс Дикенс му пратил хејт мејл и ја нарекол Дева Марија „Ужасна во нејзината грдотија.“

Но „Офелија“, исто од Миле, била сликата што ја прославила Сидал во 1851-52. Денес историчарите сметаат дека ја имаат најдено прецизната локација на реката Хогсмил каде што ја сликал на отворено:

Тоа било лесното. Наводно, кога Сидал позирала за Миле во раскошен, стар невестински фустан, за малку ќе смрзнела од студ. И вие би, да морате да лежите во мраз-ладна вода, во када, загреана само од неколку свеќи под неа. Миле се заборавил, а Сидал се плашела да се пожали, ама свеќите се изгасиле и така лежела додека не било речиси предоцна. Закачила пневмонија и имала среќа што се излечила, но здравствените проблеми што произлегуваат од тоа допрва ќе следат. На инсистирање на нејзините родители, Миле платил за лечењето.

Би било супер да можеме да кажеме дека од таму, Сидал мазно се претвора од муза во професионален уметник и живее среќно засекогаш. Но, не - го запознава Данте Габриел Росети, славен генијалец на Пред-рафаелитите, „кршач на женски срца“ и еден општ хаос од човек. Поточно, од оние типови што денес не проаѓаат, ама ова е 19-ти век, па… И двајцата имале што да добијат еден од друг, романтично и професионално гледано, но, повеќето изучувачи на ликот и делото се согласуваат: Данте бил тежок. Згоден и со проблематично его.

Еве, таман за бокс.

Од една страна, тој ѝ помогнал уште повеќе да се интегрира во светот на уметноста и поезијата, овозможувајќи и алатки и за едно и за друго, без разлика што за нејзината поезија велел дека е „тажна и сентиментална, и самосвесно патетитчна.“

На пример:

A Silent Wood

O silent wood
I enter thee
With a heart so full of misery
For all the voices from the trees
And the ferns that cling about my knees.
In thy darkest shadow let me sit
When the grey owls about thee flit; There will I ask of thee a boon,
That I may not faint or die or swoon. Gazing through the gloom like one
Whose life and hopes are also done,
Frozen like a thing of stone I sit in thy shadow but not alone. Can God bring back the day when we two stood
Beneath the clinging trees in that dark wood?

...што значи Росети треска глупости.

И покрај тоа што бил сељак, почнале да живеат заедно и се повлекле во нивниот свет.

Росети создал стотици и стотици цртежи и дела со Сидал во нив. Сестра му викала, „Се храни со нјезиното лице деноноќно, а таа со искрен и љубезен поглед му враќа.“

Почнал и да ја убедува да го смени начинот на кој се пишува нејзиното име и да контролира пред кој смее, а пред кој не смее да позира. Здравјето ѝ се влошувало, а Росети се фокусирал на работата, а и на други жени.

Ако еден бил сељак, не биле сите. Сидал имала влијателен пријател кој дејствувал во нејзин интерес, уметничкиот критичар Џон Рускин. Тој прв ги фалел Предрафаелитите, а и заслугите на Сидал. Ја прогласил за генијална, особено затоа што нејзините техники ги научила гледајќи го Росети од зад грб и се согласил финансиски да ја поддржи за нејзината уметност, која е забележливо како зачеток на импресионизам:

 

Потоа, ја убедил Сидал да патува во Европа, каде што се надевал дека ќе ѝ се подобри здравјето заради поинаква клима. За жал, се случило спротивното, дури и откако се вратила, открила дека Росети имал афера со друга црвенокоса девојка и модел, Фени Корнфорт. Збеснала и ги уништила сите слики со Корнфорт. И којзнае колку слики се така отидени во неповрат затоа што некој направил беља, а некој немал пристап до сесии за справување со бес.

Вреди да се спомне дека Сидал не била единствената црвенокоса муза на Предрафаелитите. Имало еден куп силни, впечатливи дами, чиј што придонес кон движењето дури сега се препознава - како во изложби со наслов „Предрафаелитското сестринство“. Сидал можеби нашла ривал во Фени Корнфорт, но истовремено нашла поддршка, инспирација и пријателство во бројни независни жени кои се движеле во истиот круг, жени-уметници од работничката класа, кои работејќи како модели влегле во уметничкиот свет. И иако може да се каже дека Росети ја дефинирал Сидал, уште поважно е дека Сидал дефинирала стотици платна, и туѓи и свои.

„Секоја ера на музата ѝ ги дава квалитетите, доблестите и недостатоците кои епохата ги бара,“ објаснува Франсин Проз во „Животот на музите: Девет жени и уметниците кои ги инспирирале“. Затоа и одлуката на Сидал отелотворува комплексен потег и кон автономија и кон објективизирање, што и денес можеме да го видиме кај супермоделите.“

Во 1860 Сидал и Росети стапуваат во брак - веќе живееле заедно 10 години, но нејзиниот статус бил срам за семејството Росети. Можно е и да било од сожалување, со оглед на нејзиното кревко здравје; била толку нежна што морале да ја носат на раце во црква.

Се шпекулира дека страдала од туберкулоза, или нарушување во исхраната како анорексија, кое дури во 1873-та ќе добие име кога ќе го класифицира еден од личните лекари на кралицата Викторија. Викторијанска Англија е чудно време и место за болежлива жена - да си блед било модерно и фетишизирано. А за жал, Сидал изгубила две бебиња и заработила најверојатно фатална депресија.

Еден ден во 1862, Росети забележал дека Сидал изгледа особено лошо. И покрај тоа, отишол да држи ноќно предавање и на вечера со пријател. Кога се вратил, ја нашол предозирана со лауданум и порака за самоубиството закачена на градите, која ја уништил за да може Сидал да добие христијански погреб. Имала само 33 години.

Приказната би можела тука да заврши трагично, но чисто затоа што е Росети душбег, ќе продолжиме уште малку.

Како претстава за присутните на погребот на Сидал, Росети си ги фрлил поемите во нејзиниот гроб. Говорот бил, „јас ги пишував додека беше болна, еве сега, нека одат“. За жал на Росети, движењето што следува е спиритуализам - очајни потреби за пари што водат до луѓе што смислуваат водење сеанси и разговори со мртви. Росети станува параноичен, уверен дека Сидал го опседнува, па решава (и легално успева) да ја откопа. Ова привлекува новинари, блицеви и наслови што тврдат дека смртта не ѝ одземала од убавината.

Од весник, за ископувањето на Сидал

Не знаеме дали престанала да го опседнува.

Битно, тоа е приказната за една од највлијателните жени во уметноста, без разлика што влијаела повеќе од другата страна на платното, наместо со четка во рака, иако нејзините дела до ден денес се фалат и конечно добиваат спотлајт на изложби од нашето време.

28 мај 2020 - 12:44