Мразам лето

Пишува: Сами Робертс, за Космополитен.

Ете, тука е. Има сонце и сѐ мириса поинаку и изгледа поведро. Социјалните мрежи се полнат нозе-виршли и дворчиња со базени, геотагови за температура и слики од паркови со фустанчиња. Јадењето надвор сега е задолжително, ладно кафе мора, а користењето на зборот „авантура“ во секој втор разговор е пропишано со закон. Воздухот е топол, луѓето се расположени - и јас сето тоа го мразам.

Да, си кажав: го мразам. Ги мразам убавите дрвца во паркот што ми фрлаат полен директно во синуси. Ги мразам мувите, комарците, осите и мравките. Си го сакам кафето топло, температурите ниски и екстремитетите замотани во најмалку два слоја облека. Јас сум, против секоја логика, човек што не може да поднесе топол летен ден, и да, знам дека ова длабоко ве вреѓа.

„Како може да не сакаш лето?“ ме прашуваат орди од скоро па нападни пријатели низ годините. „Колку е топло, колку се долги деновите, колку е фино…“ Луѓето сериозно си ги сфаќаат летата и кога ќе кажеш дека го мразиш омиленото годишно време на општеството, се разоткриваш како непријател на човештвото. И колку и да не ви се верува, ова не е некој забавен, бунтовен избор, да мразиш лето - тоа е цело едно ментално и физичко битисување.

На пример, го знаете тој тежок очај што се чувствува кога ќе дојде зимата? Кога ќе се стемни во 4, небото е постојано сиво и сфаќаш дека имаш минимум 4 месеци тага и анксиозност пред себе? Е па, мене тоа ми се случува во мај. Топлото време ме прави клаустрофобична и заробена. Да излезеш надвор на топол, влажен ден е како да влезеш во невидлива лудачка кошула - немаш баш многу да направиш за да се спасиш.

Сезонско афективно нарушување не се однесува само на ладно време. Но, за таквите како мене, не постои спротивното од сончеви ламби, нешто што може телото да го излаже дека е ладно и сиво надвор. Само што ќе дојде пролет, доаѓа и мојата анксиозност, и поголемиот дел од времето од мај до август го поминувам во страв од идејата дека треба да одам било каде.

Затоа што, кога е топло, и наједноставните активности ти создаваат мизерно чувство. Да се шминкаш додека постојано ја бришеш потта над уста? Не фала. Виткање или исправање на косата, само за да излезеш на 90% влажност? Не. Патување до работа кога колата ти е рерна, а од градите ти се слеваат потоци пот? Апсолутно не.

Дури и замената на хеланките и дуксерите за шорцеви и маици ми создава паника, особено кога ќе ми текне дека одење + шорцеви значи триење на бутовите и тоа толку лошо што морам да клечам како трудна за да ми помине. И додека го поминувам секој летен ден во состојба на напната, панична влага, моите роднини и пријатели се веселат на сонце, среќни, опуштени и тотално збунети од мојот избор да се кријам дома под еркондишн.

И можеби тоа е еден од најлошите моменти на целава работа - различноста. И искрено тешко е да се биде хејтер на лето кога општиот консензус е дека тоа е најдобро време од годината. Ништо не може да спречи човек што сака топло време да пешачи, да вози точак и да лежи надвор додека не стане вреќа витамин Д. „Пробај,“ ќе ме преколнуваат. „Ти ветувам, ќе биде забавно!“ За нив, јас сум нешто скршено, малфункција што малку фризби на плажа одма ќе ја реши. А кога нема да реши, ме гледаат како досадата од човек, што мрази забава.

Но, дојдов да кажам дека не сум скршена. Не морате да ме жалите. Додека уживате во сончање со полуголи непознати на плажа, јас сум совршено задоволна со гледање The Circle полугола на кауч. Ако топлината од сонцето на вашата кожа ви дава допамин-фикс, мене оргазмично ми е да пуштам клима на 18 степени. Вашето „лесно“ километарско пешачење не е, и никогаш нема да биде моја замисла за забава на топло (и не ви ни требам ни јас, ни моите плускавци). Наместо тоа, мојот летен социјален живот вклучува готвење, занимавање и останување дома и тоа е во ред. Мене ми е добро.

Светот може ме нарекува предавник, и веројатно со таа збунетост и осуда ќе се соочувам до крајот на вечноста, но реално… Ова не е тажно. Кога сум дома под ќебе, а ти се ближиш до врвот на некоја планина што си ја искачувал цел ден, со задоволство ќе ти лајкнам на Инстаграм. Се гордеам со тебе што се пентариш по планини и се гордеам со себе што не го правам тоа.

Знам дека моите пријатели што сакаат лето никогаш нема да престанат да го напнуваат групниот чат со планови за излети во парк и шетање по езера и драго ми е што сте такви. Затоа ве молам, вклучете ме во разговорот, ама повремено фрлете и уште некоја идеја, како седење внатре на ручек, за да не морам да се потам? Инаку, ќе си седам дома, со спуштени завеси и среќно ќе чекам есен.

6 август 2021 - 08:39