Може ли да се биде зависен од стрес?

„Еден ден, кога ги штиклирав сите точки на долгиот список на закажани работи и состаноци низ цел град, се почувствував моќно, продуктивно и мотивирано. И тоа само заради стрес. Дали е можно и покрај негативните појави што ми ги носи стресот - да сум зависна од него?“ се прашува Фани Мари од Refinery29.

Стресот е секојдневна состојба за многу луѓе, особено последнава година ипол. Во истражување спроведено од терапевтскиот сервис Селф Спејс, минатиот месец 57% од прашаните кажале дека откако почна Ковид, постојано се преработуваат. Уште едно истражување открива дека 65% од луѓето чувствуваат поголем стрес после рестрикциите, а статистички податоци укажуваат на тоа дека 21% искусиле некаква форма на депресија во 2021.

Пандемијата истакнува колку може стресот да нѐ кочи и да биде негативен. Можеби ни се случува побавен живот во моментов, но не значи дека не постои анксиозност, а во состојба на стрес, не се спие добро, не можеш да се сконцентрираш, сѐ те нервира и секоја секунда од животот ти личи на битка.

Сепак, истовремено, стресот знае да те движи. Таканаречени „нормални стресори“ те тераат да бидеш попродуктивен, па во преполнет распоред да најдеш начин сѐ да завршиш.

„Еден ден, кога ги штиклирав сите точки на долгиот список на закажани работи и состаноци низ цел град, се почувствував моќно, продуктивно и мотивирано. И тоа само заради стрес. Дали е можно и покрај негативните појави што ми ги носи стресот - да сум зависна од него?“ се прашува Фани Мари од Refinery29.

Стресот е дел од човечката еволуција - ни поттикнува „борба или бегство“ реакција, што го зголемува адреналинот, спремноста и срцебиењето. Ова им било од голема помош на пештерските луѓе, да бегаат од опасни ситуации - денес не може да не смачка мамут, ама реакцијата ни останала.

И знаеме какво е чувството да си под стрес, но дали знаеме што ни прави? „Борба или бегство“ си доаѓа во друштво со моќен хормонски коктел: норепинефрин и епинефрин, повисок кортизол и адреналин, срцебиење, потење. Телото се спрема да бега.

Дали е тогаш можно да се хакне овој телесен одговор и да се направи корисен? Џоди Карис, која е терапевт и основач на Селф Спејс, за Refinery29 изјавува дека навистина постои добар и лош стрес.

„Има стрес што влијае добро и мотивира, и стрес што предизвикува преплавеност и води кон прегорување. Стресот е експлозија од енергија што ни кажува што да правиме.“

Како што објаснува, стрес во мали дози мотивира и помага да завршиме нешто, може дури и да ја бустне меморијата. И за да го задржиме „добриот“ стрес во нашите животи, според неа треба да продолжиме со сите работи што ги забoраваме кога ќе се појави „лошиот стрес“, како добар сон и доволно вода. Кога се чувствуваме преплавено и стресот останува со недели и месеци, може да доведе до хроничен умор и анксиозност.

„Лошиот стрес,“ вели таа, „ прави понекогаш да не можеме да ја видиме шумата од дрвјата - неговиот импакт е толку присутен во нашите животи, што не можеме ни да го забележиме.“

Како што постојат различни типови на стрес, така се разликува е реакцијата од човек до човек и сѐ се сведува на тоа како ќе се справиме со стресна ситуација. Стресот е внатрешен а причината за него е свесниот или потсвесниот избор што го правиме во врска со надворешните услови, а не со самите надворешни услови.

Затоа и некои луѓе уживаат да бидат зафатени - Карис вели дека тоа создава зависност. На ова влијае фактот што кога завршуваме работа, нашиот мозок ослободува хормон на задоволство и поради тоа се чувствуваме добро. Овие чувства се поврзани со идејата дека зафатен = успешен, а незафатен = неуспех, што нормално - предизвикува стрес. Затоа и си наоѓаме работа за да избегнеме негативни емоции, но кога ќе претераме и ќе почнеме да ја глорифицираме зафатеноста, станува опасно, бидејќи и тоа е поврзано со стрес, преплавеност и неизбежно - прегорување.

Она што најмногу ни фати око во дискусијата е нешто што Карис го спомнува како „никсен“ - холандски концепт на неправење ништо.

„Дајте си дозвола да не правите ништо. Најдете простор во вашиот дом, по можност со прозорец и пуштете сѐ што ви одвлекува внимание и едноставно - бидете таму. Почнете со 5 минути, па 10, па зголемувајте; после тоа ќе се вратите на вашите активности освежени.

И што е најважно, пробајте да научите да препознавате кога стапува „лошиот стрес“ на сцена. Карис вели дека треба да внимаваме на проблемите со концентрација, спиење и апетит, разболувањето, главоболките и иритабилноста. Кога ќе се случи сето ова, време е за рекалибрација.

9 август 2021 - 11:56