Многу им е мерак да се „self-made“ кога не се

Татко ѝ на Џиџи Хадид се пофали дека „сама постигнала“ и „ни динар не земала од нив“.

Таткото на Џиџи Хадид - Мохамед Хадид, инаку могул со недвижнини, ја фалеше ќерка му во серија Инстаграм постови, со фини желби да ја пофали за многуте достигнувања низ годините. Меѓу другото, ја пофали и дека сама ги заработила десетте милиони колку што вреди во моментов, па следачите некако не сакаа да пуштат тоа да му помине. Истакнуваат и дека никој не ја закача за тоа што е родена во богато и влијателно семејство - затоа што не е виновна, но сепак, најпросто кажано „да не се лажеме“.

Се појавија критики, затоа што е јасно дека била привилегирана, растејќи во семејство на светски позната манекенка и богат изведувач (…на градежни работи) и лајфстајл што овозможува повеќе шанси да се пробиеш во бизнисот.

Еден коментар вели,

„Self-made? Мајка ѝ е манекенка и тоа е единствената причина што и таа и сестра ѝ се манекенки. Ти градиш огромни куќи низ цел Беверли Хилс и Бел Ер… Родена е со пари.“

Мајка ѝ ја има советувано да земе слободна година и да работи и да заработи колку што може, но не сакала. Исто така, требала да има цимерка на факултет, но тоа пропаднало затоа што родителите на девојката сакале таа да живее на кампусот со други студенти.

„Јас не сакав Џиџи да живее таму затоа што сакав да има работна атмосфера,“ вели Јоланда Хадид. „Деца се журкаат и излегуваат и се пијанчат, а јас сакав да се фокусира на кариерата, да станува во пет и да работи секој ден.“

Решение за детето што „само заработило во тешката модна индустрија“?

Стан со две спални и две купатило во Сохо, на Менхетн, во 2015 проценет на 2,45 милиони долари, а продаден за 2,3 милиони.

Може грешиме, ама како да има малку разлика од млада девојка напикана во гарсоњера со 16 души, без врски, што се труди да успее во модниот свет и една Џиџи Хадид.

23 април 2021 - 14:26