Младите почнаа да откриваат прирачници за љубовни врски

Ви текнува еден долг период кога излегуваа тон книги со љубовни совети, како да го фатиш, како да го задржиш, како да го ова, како да го она, мажите се од Марс, жените од Венера и зошто мажите сакаат кучки?  Ви текнува. Сега децата ги најдоа.

Во еден ТикТок прегледан илјадници пати, една девојка на нејзините следачи им чита љубовен совет: „Кога ќе се отвориш, остави работите да течат.“

И, вели:

„Како тениски меч е, не сакаш да го бомбардираш симпатијата со тениски топчиња; треба да почекаш да го врати топчето. Причината што бркањето ги одбива мажите е што изгледа како да губиш вредност.“

Ова е инаку Принцип на привлечност бр. 1 од книгата „Зошто мажите сакаат кучки“ од Шери Аргов. Издадена е во 2002, а во 2021 се врати на листите на бестселери благодарение на ТикТок. А со неа уште некои: „Не е толку загреан“ (немаме официјален превод на He’s Just Not That Into You), „Однесувај се како дама, размислувај како маж“, „Мажите се од Марс, жените се од Венера“, и „Повикување на Вистинскиот“. И сите се во вирални видеа.

Ова е многу неочекувано со оглед на тоа што за тие книги се смета дека содржат застарени, псевдонаучни совети. Обично ги молат жените да се воздржат од комуникација на чувствата прерано, да не се закачуваат, да престанат да „го бркаат“. Често имаат редуктивни и мизогини тврдења и го игнорираат постоењето на ЛГБТК+ луѓе. Како тогаш функционираат кај нова публика?

Авторката на „Чудната историја на врските: Од Џејн Остин до Тиндер“ - Ники Хоџсон смета дека со ова има врска она копнеење за ерата пред да имаме апликации за дејтинг. Истражувањата покажуваат дека луѓето сè повеќе се трудат да најдат љубов на традиционални начини, а токму на тоа се фокусираат овие книги. Причина може да биде и носталгијата за времето во кое многу од овие книги се напишани. Хоџсон објаснува дека прирачници за љубов постојат уште од 1800-те кога биле наменети за мажи, а од 1990-те па натаму се појавуваат илјадници наменети за жени.

„Беше време кога на жените требаше да им се слушне гласот на тема врска,“ вели таа. „Имаше култ кон љубовни средби каде жените чувствуваа дека можат да кажат што сакаат, за кого сакаат и немаше да дозволат да им се суди што (по)сак(ув)аат некого.“

Ова делумно се должеше и на третиот бран на феминизмот и чувството на сексуално ослободување кон крајот на кризата со СИДА од ‘80-те.

„Во ‘60-те и ‘70-те луѓето се ослободија околу сексот, а во ‘80-те повторно почнаа да се плашат,“ вели Хоџсон. „Во ‘90-те си рекоа, заеби, нема веќе да се секираме за ова.“

Резултатот беше дожд од прирачници, од кои некои очигледно имаат паметно да кажат, кога ганц-нови деца, тотално поинакви од старите, успеваат да им најдат логика.

5 јули 2023 - 11:18