Миленијалците имаат проблем со „Friends”

Сега има Friends на Нетфликс, па од тие што ја пропуштија серијата затоа што беа многу мали или не беа родени во ’90-ти, има и такви што не им се верува колку е серијата трансфобична, хомофобична и сексистичка. На останатите, не ни се верува дека и до ова им дојде.

Точно е дека кога гледаме Friends по стотти пат, после 15-20 години, совршено ни е јасно дека константниот мајтап со лезбејките нема шанси да пројде, ниту пак дека серијата ќе издржеше повеќе од една сезона заради реметот што го јадеше ликот на Моника дека била дебела тинејџерка. Просто да му се смачи на човек кога ќе помисли и колку напор ќе требаше да се вложи во објаснување меѓу двата табора (навредени и ненавредени) дека некои реакции и ситуации се само одраз на тоа што реално се случува во животот, наместо да се брка политичка коректност.

Еве, на некои миленијалци „не им е пријатно” заради третманот на ЛГБТ заедницата во серијата – на пример Чендлер е параноичен дека ќе мислат дека е геј, или кажува злобни шеги за неговиот татко кој е трансексуалец. Имаат проблем со сексизмот кога Рејчел сака да вработи машка дадилка, а Рос се чуди како е можно (а пазете, сите овие ситуации завршуваат среќно и инспиративно, но добро). Рос дури и толку претерувал, што го прашал типот што ја чува ќерка му дали е геј.

Од темите што најмногу им прават мерак, сигурни се дека Рејчел би била отпуштена од работа заради сексуално малтретирање бидејќи вработува асистент кој не е квалификуван, само затоа што ѝ се допаѓа.

Ја спомнуваат и контроверзната врска меѓу Моника и пријателот на татко ѝ кој е 20 години постар од неа. Не дека можат да препознаат проблем, ама општото расположение укажува на тоа дека негде таму они копаат по проблемот, само уште не им текнало каде е точно. Единствено што им текнало е дека особено им е непријатно сега вака, со Харви Вајнстин и тие работи. Битно да е незгодно.

Од темите што ги имаат подзаборавено за вреѓање, но секако им стојат во резерва – се лутат дека не се сите раси претставени – само две девојки на Рос не се бели – Џули и Др. Чарли Вилер.

Кога Рос не сакаше син му да игра со Барбики, а Керол и Сузан се обидуваа да му објаснат дека - сеедно. И немаше никаква драма.

Останува само да бидеме благодарни што Friends се роди 20 години пред овој куршлус, затоа што инаку – немаше да постои. Што го отвара прашањето колку многу хумор стои во нечија фиока, само затоа што масата е „лако увредљиве природе”.

15 јануари 2018 - 12:11