Маска за лице за мажи – не се секирајте, скриена е во пена за бричење

Козметичката индустрија со години успева да ги прелаже мажите дека не обрнуваат внимание на изгледот со најевтината можна финта – црни, тегет и мажествени амбалажи, називи на производи поврзани со мраз, дрво, океан и други глупости, ама никако да ги убеди дека е во ред да користат производи подалеку од стик, пена за бричење и шампон.

Па кога се инат, тогаш ќе им ја сокриеме во нешто мажествено.

Маските за лице, и генерално негата за лице не е ограничена само на жените, и без разлика што мажите стареат поубаво и не им е императив да изгледаат беспрекорно што се однесува до кожа и негуваност, не значи дека треба да се отфрлат методите за нега.

На пример, оваа колекција за мажи има „пештера“ во името. Пештера. Затоа што е машки.

Ајде сега одете и кажете му го тоа на првиот маж што ќе го начекате по дома да видите како нема да ве регистрира. Разбирливо, пораснати сме со идејата дека жените треба да пазат на изгледот, а мажите треба само да се избањаат, и тоа е во ред. Но во истиот правец на замајување како мали деца (капсули рибино масло во Чоколино), компанијата Organic Male, водејќи се според статистиката дека само 3% од мажите користат маска за лице – ја ставаат во пена за бричење за ни влакно да не им фали од машкоста на нивните клиенти.

Формулата работи за многу кратко време (додека се бричиш) со користење на био-акумулативен емулгатор што дозволува маската да донесе резултати ако се користи три пати неделно, без да се остави на лицето цели пет минути (како што работат повеќето маски за нежните жени).

Колку паметно кога имаш една таква таргет група, нели?

За домашно: Следниот пат кога ќе одите во супермаркет, загледајте се во машките колекции. Загледајте ги боите, имињата и описите.

Може треба еден nudge до Алкалоид, за некоја колекција „Скеле“, „Уље“ или „Антифриз“.

Затоа што „Мачо“ е зафатено.

25 јули 2017 - 11:57