Луи Витон се откажа од Мајкл Џексон

Кратко пред премиерата на Leaving Neverland, Луи Витон извади колекција инспирирана од Мајкл Џексон и сега им е криво.

После документарецот кој прикажа тврдења за сексуална злоупотреба на деца од страна на Мајкл Џексон, музичката индустрија едвај се опоравува. Дрејк ја извади од турнеи песната што има делови од претходно необјавена песна на Џексон, неколку радија престанаа да пуштаат негови песни, а сега и модната индустрија се приклучува кон таа хајка.

После машката колекција есен/зима 2019, инсприрана од Мајкл Џексон и неговата оставштина, уметничкиот директор на Луи Витон, Вирџил Абло го изјави следното:

„Свесен сум дека ревијата предизвикува бурни реакции сега откако излезе филмот. Строго осудувам било каква форма на злоупотреба на деца, насилство или нарушување на било кое човеково право,” вели Вирџил. „Темата на оваа колекција ми беше Мајкл Џексон како поп-уметник, и референцата беше само за неговиот јавен живот што на сите ни е познат и влијанието што го имаше на цела генерација уметници и дизајнери.”

Од брендот истакнуваат дека не биле свесни дека постоел документарецот додека ја прикажувале колекцијата и дека тврдењата на Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак им предизвикале „огромна болка”.

„Тврдењата истакнати во документарецот ни се многу вознемирувачки,” вели директорот на Луи Витон, Мајкл Бурк. „Безбедноста на децата е од огромна важност за Луи Витон. Комплетно сме посветени на поддржување на оваа кауза.”

Колекцијата инаку имаше неколку парчиња од костимите на Џексон - мокасините со бели чорапи, маиците со штрас и ракавиците. Потврдија и дека сите парчиња што директно содржат елементи на Мајкл Џексон нема да се произведуваат.

18 март 2019 - 23:52