- Кога луѓето се затворени внатре, се појавува токсична динамика која претходно полесно поминувала и се отфрлала.
- Психологот Перпетуа Нео која работи со жени што се опоравуваат од насилни врски, за Инсајдер изјавува дека многу луѓе во токсични ситуации не ни сфаќаат дека е така.
- Вели дека пораките насочени за помош на жртви често не стигаат до нив.
- Промената ќе почне со справување со фактот што жртвите се истренирани преку бомбардирање со љубов во комбинација со префрлање на вина.
Да си заглавен со било која варијанта на насилен партнер за време на карантин е ужасно и многу опансо. Во некои држави, процентот на повици кон полиција заради семејно насилство расте за двоцифрена бројка, а СЗО предвидува дека ќе има 31 милион нови случаи глобално (!) ако седењето дома продолжи уште шест месеци.
Интензивноста на новонастанатата ситуација и дополнителниот притисок можат да откријат токсична динамика која можеби би била игнорирана пред да настапи сето ова. Страната што малтретира често става харизматична и шармантна маска во јавност, а себеси во вистинско светло се прикажува само зад затворени врати. Дополнителен проблем е и што многу луѓе не сфаќаат дека се малтретирани, а дури и да забележат нешто, на просечна жртва ѝ се потребни пет до седум обиди да ја напушти врската.
„Постојат многу проблеми што властите треба да ги решат,“ вели Нео за Инсајдер. „Инаку жртвите ќе се двоумат затоа што секако се истренирани да се двоумат.“
Вели дека емотивното и психолошкото насилство се тешки за препознавање, затоа што „немаш знаци на телото“.
„Не можеш да ја направиш менталната конекција со малтретирањето од претходниот ден, и затоа е многу збунувачки,“ вели таа.
Никој не влегува во насилна врска намерно. Со љубовно бомбардирање на метата, со скапи подароци и комплименти, насилниците го тераат партнерот да го спушти гардот. Во основа, ги прелажуваат дека сретнале сродна душа. Потоа, почнуваат со фаза на одземање од вредноста, со повремено навредување, деградирање и манипулирање на жртвата. Потоа, со блатантни лаги ја убедуваат дека самата е виновна и ѝ го извртуваат компасот за реалност. Жртвата знае дека партнерот бил совршен на почетокот, па себеси се обвинува за пропаста на врската.
„Мислат дека самите се виновни што фазата ‚меден месец’ е завршена,“ вели Нео. „Уверени се дека некаде згрешиле, затоа што знаат дека ‚човеков знае да биде добар’. Не ни сонувале за ова.“
Условени се и да веруваат во сѐ што ќе каже партнерот. Често ги прават уште побеспомошни затоа што се изманипулирани да се изолираат од пријателите и семејството. Преку поврзување со траума и немање близок покрај себе, способни се да ги оправдаат и најстрашните малтретирања.
За време на пандемијата може да се очекува уште повеќе попуштање, со тврдења дека суровоста се должи на стрес и анксиозност. Затоа и не е доволно само да им се каже дека „достапна е помош и советување“.
Да се прекине циклусот
„Треба да се почне од фактот што повеќето жртви не сфаќаат дека се жртви, или фактот што се тренирани да се обвинуваат себеси. Дури тогаш можеме да им помогнеме на луѓето да препознаат карактеристики на психопат или нарцисист. Може мислите дека такви работи има само на филм, ама не е точно,“ вели Нео. Истовремено инсистира да се истакне дека не е виновна жртвата. Пораките треба да се фокусираат на тоа дека е можно да ја напуштиш врската, да се залечиш и да станеш посилна личност.
„Владата мора да испраќа пораки од типот - ти веруваме, ќе бидеш на безбедно, децата ќе бидат добри, ќе добијат образование, ќе добиете правда,“ додава Нео. „Ако се земат предвид сите овие компоненти, луѓето ќе се чувствуваат психолошки многу побезбедни да преземат нешто.“
Треба до жртвите да се стигне пред да стигнат до точка на вриење. Ова ќе се случи само доколку научат да препознаваат предупредувачки знаци рано, како на пример, недостаток на почит или граници, или масивно чувство дека „него нешто му следува.“
Многу од клиентките на Нео биле во насилни врски со години, па и децении и штетата тешко се поправа. Би било многу подобро доколку жртвите би можеле да препознаат и да го прекинат циклусот на самообвинување побрзо, за да можат вистински да се ослободат и да продолжат понатаму.
„Мораме да им помогнеме да разберат дека самообвинувањето само го надополнува насилството, а тие го нормализираат затоа што така се научени,“ вели Нео. „Но, ако продолжиш да се обвинуваш и после врската, тоа е како насилникот да е уште присутен и сѐ уште да победува.“