Љубовната болка постои и многу личи на анксиозност

Ако сте биле вљубени, знаете дека не постои друго слично чувство. На почеток си со розеви очила и врската и партнерот ти изгледаат совршени, но сепак, колку и да е интензивна среќата, вљубувањето и самото незнаење како ќе се заврши може да биде многу стресно.

Ваквите искуства не се ограничени само на менталното: има многу реални телесни реакции што доаѓаат со нив. Во зависност од стадиумот на врската, нивоата на хормоните во телото и присуството (или отсуството) на саканата личност, освен чувствата, се случуваат и физички манифестации - од пеперутки во стомак до забрзано чукање на срцето.

„Не можеш да јадеш, опседнат си, немирен, нервозен, разлетан - ова се сѐ симптоми на анксиозност, а истовремено можат да бидат симптоми и на возбуда,“ вели Сали Бејкер, постар терапевт во Working With The Body. А д-р Лора Ваулс, главен истражувач и терапевт на апликацијата Blueheart, додава дека ваквите знаци се појавуваат рано во врската и покажуваат дека човекот физички и сексуално нѐ привлекува.

Кога сме одвоени од партнерот, тие измешани чувства на анксиозност и возбуда стануваат уште поистакнати. „Може да сме преокупирани од мисли за него, да не ни треба сон, да забораваме да јадеме,“ вели д-р Ваулс, „а вреди да се спомне и дека секој може да го искуси ова, но луѓето кои се плашат од интимност и поврзаност и имаат тенденција повисоко да ја вреднуваат независноста го чувствуваат ова со помал интензитет.“

На физичко ниво, ако постојаните мисли за саканата личност предизвикуваат поекстремни реакции како срцебиење или брзо дишење, треба да внимаваме, според еден клинички психолог. Во некои случаи успеваме сами да се смириме, но ако постојано се случува ова, тогаш може да е загрижувачки. И во двата случаи е можно да треба да отпакуваме нерешена тага или траума со помош на терапија, за да можеме да продолжиме понатаму од една постабилна точка.

Колку и да предизвикуваат анксиозност раните моменти во врската, со тек на време почнуваат да избледуваат. Она што останува откако врската ќе се стабилизира е чувство на смиреност, леснотија и сигурност. Забавува срцето и општо се чувствуваш поопуштено со партнерот. Во овој стадиум се префрламе од страсна љубов во друштвена љубов, од кои втората вклучува чувства на меѓусебна почит, доверба и сакање, наспроти интензивните чувства и сексуалната привлечност на страсната.

Хормонот што ја игра главната улога овде е окситоцинот, што ни го дава топлото, меко чувство. На пример, кога се држиме за рака со некој што го сакаме, не само што стресот не нѐ погодува толку страшно, туку сме заштитени и од физичка болка.

На крај, советот е да не дозволуваме потенцијалот за некои збунувачки чувства да нѐ одвлече од тоа да си дозволиме до уши да се вљубиме во некого. Затоа што, „иако љубовта може да биде страшна за некои, во зависност од нивните претходни искуства,“ според д-р Ваулс, „за повеќето луѓе вљубеноста е сепак фино, топло чувство.“

27 април 2021 - 00:00