Лажната чедност на движењето против абортус

Со децении, анти-абортус движењето го слика прашањето со мрачни, крвави термини. Абортусот е геноцид, нов Холокауст, современа морална криза каква што сме немале, така тврдеа. Процедурата не само што е производ на женскиот индивидуален грев, туку и симптом на култура што отишла по ѓаволите.

„Зошто човечкиот живот вреди да се спаси? Зошто вреди за маката?“ ќе каже покојниот теолог Френсис Шефер во првата епизода од влијателната серија од 1979, „Што се случи со човечката раса?“ Многу луѓе, тврдеше Шефер, веќе не веруваат дека човечкиот живот нешто вреди; ерата на легалниот абортус, според него довела до инфантицид. Преку вакви неосновани тврдења и влијанието на радикалната реторика, противниците на абортусот како Шефер мобилизираа моќно политичко движење. Сега го имаат и посакуваниот исход - во поголемиот дел од Америка, ќе биде сè потежок пристапот до абортус. Ако Шефер бил во право, големата неправда е готова. Човечкиот живот повторно вреди да се спаси.

Но, го имаме случајот на десетгодишното девојче од Охајо, бремено од силување кој привлече меѓународно внимание и го фрли десното крило во хаос. Поради строгите закони во Охајо, таа мораше да патува до Индијана за третман. Првиот инстинкт на многуте конзервативни медиуми беше или да инсинуираат, или апла да инсистираат дека приказната е измислена. Откако имаше и апсење на силувачот, противниците на абортусот се соочија со тежок избор: Можеа да признаат дека би сакале дете-жртва на силување да роди или да признаат дека се квалификува за ретките исклучоци за рестрикциите во Охајо. Еден противник на абортусот најде и трета варијанта:

„Ако 10-годишно дете забремени како резултат на силување и бременоста ѝ се заканува по живот, тогаш тоа не е абортус,“ рече Кетрин Глен Фостер од Американци обединети за живот. „Значи не би влегло под било каква рестрикција за абортус во нашта нација.“

Греши и на двете теми. Секоја процедура што прекинува бременост е абортус. Прекинување за да се спаси живот е абортус. Прекинување на бременост кај десетгодишно девојче е абортус - и според анти-абортус движењето и стандардите - става крај на човечки живот.

Џим Боп, советник во „Национално право на живот“ има уште поискрен (и радикално поидиотски) пристап:

„Ќе го родеше бебето, како и многу жени што забремениле како резултат на силување и ќе се надевавме дека ќе ја разбере причината и на крај и придобивките да се има дете.“

Да размислиме и за психолошките и физичките импликации на оваа идиотска изјава: За да се зачува фетусот, детето мора да остане бремено. Мора да живее секој ден со потсетникот на нејзиното силување. Мора да трпи бременоста да го деформира нејзиното мало тело. Потоа мора да роди, што е траума и за возрасни луѓе и или да го расте детето на силувачот, или да го даде на посвојување - одлука што сама по себе носи психолошки товари.

Свет без правото на абортус е свет исполнет со страдање. Противниците се уникатно неподготвени за реалноста што ја креираат. Првата поголема етичка дилема што доаѓа после Ро - случајот со девојчето од Охајо - ги растури. Не можат да одлучат дали приказната е измислена или дали абортусот е воопшто абортус. Сепак, има такви како Боп што ја афирмираат суштинската суровост на анти-избор позицијата. Ваквата неодлучност ги вреѓа жените што ги принудуваат да останат бремени; исто така е и знак на морално несериозно движење. Противниците на абротусот имаа децении да ги очекуваат „најтешките случаи“ што ќе ги создадат. Сега најновата ера ги прикажа како фантазери во најдобар случај, а лажговци во најлош. Не само што нема материјална поддршка во државите што најверојатно ќе го забранат абортусот, туку и по ново, несаканата бременост сигурно магично не се претвори во благослов за мајките. Повеќе личи на казна. После години предупредувања за морална криза, противниците на абротусот ја наметнуваат сопствената криза на светот. Не можат ни на сопствените прашања да одговорат.

Во парафраза на Шефер, зошто вреди да се спаси животот на едно девојче? Зошто вреди за маката? Затоа што таа не е апстракција. Не е потенцијал, туку личност. Таа постои.

18 јули 2022 - 13:26