Зошто сè повеќе парови избираат да живеат одвоено?

Со генерации, заедничката адреса на живеење на еден пар се сметаше за сериозен и логичен чекор во напредокот на врската. Не дека престанало да биде така, само што, сè повеќе парови денес ја преиспитуваат таа формула.

Во Европа и САД расте интересот за т.н. Living Apart Together (LAT) врски - романтични партнерства во кои луѓето се посветени еден на друг, но свесно избираат да живеат во различни домови. Социолозите веќе две децении го проучуваат овој модел, а денес ова е сѐ повидливо. Норвешкиот социолог Ирен Левин - меѓу првите истражувачи на феноменот, уште во 2004 година го опиша LAT како можен „нов облик на семејство“, кој им овозможува на луѓето да бидат во сериозна врска без нужно да ги спојат своите домаќинства.

Најчесто, ваквите врски се поврзуваат со луѓе во средните години - многумина веќе поминале низ брак или долга врска, имаат сопствен дом, деца од претходни партнерства или едноставно изградиле животен стил што не сакаат целосно да го менуваат.

Не е ни само до практичноста - истражување на британски социолози покажува дека LAT-партнерите често бараат и блискост и независност во исто време, па наместо да ги гледаат љубовта и автономијата како спротивности, се обидуваат да ги комбинираат. Во друго истражување се открива дека повеќето луѓе во вакви врски покажуваат високо ниво на посветеност, емоционална блискост и верност, и покрај тоа што не живеат заедно. Истовремено, ја ценат слободата и контролата врз сопствениот простор и секојдневни рутини.

Особено интересен е подемот на LAT-врските кај повозрасни жени. Неодамнешна британска студија од Универзитетот Ланкастер покажа дека луѓето над 60 години кои се во врска, но живеат одвоено, пријавуваат ниво на благосостојба споредливо со она кај парови во брак. Кај жените, придобивките дури се покажале поизразени отколку кај традиционалните форми на заеднички живот и експертите сметаат дека тоа делумно се должи на фактот што жените и понатаму преземаат поголем дел од домашните обврски во заедничките домаќинства, а одделното живеење им овозможува да ја задржат емоционалната врска без автоматски да преземат улога на главен организатор на секојдневниот живот.

Секако, LAT не е решение за секого. Одржувањето два дома бара финансиски ресурси, добра организација и многу комуникација. Критичарите предупредуваат дека физичката дистанца може да ги отежни заедничките планови или грижата за партнерот во тешки периоди.

Сепак, растечката популарност на овие врски укажува на поширока промена во начинот на кој современите луѓе размислуваат за љубовта. Наместо да следат однапред зададен модел, сè повеќе парови самите ги дефинираат правилата на својот однос.

12 јуни 2026 - 11:45