Едно поинакво списание:

Курвографија: Списание од сексуални работници - за сите

Whoretography е списание, онлајн платформа и движење преку кое сексуалните работници можат да ги споделат нивните приказни околу моќта, уметноста и политиката на сексуалната работа.

Првото издание излезе на почетокот на месецов и во него има фотографии на кои има или ги направиле сексуални работници. Открива една алтернативна историја на сексуалната работа и на современите професионалци од ова поле им дава платформа да можат да ги раскажат нивните приказни.

Сè почнува кога една фотографка, Камил Мелиса ја најмуваат да документира уште една свадба во Австралија. Сè течело како што треба, се размениле завети, направила портрети од младоженците и гостите, но во еден момент се запрашала за сопствената улога на таа церемонија, и колку камерата е, како што вели „агент за лажноста на кохезијата и интимата на еден пар.”

Каква улога има фотографијата во создавање на илузијата на брачната интимност?

Како фотограф, но и академец и сексуален работник, одговорот го наоѓа во новиот проект: Whoretography.

Мелиса е сега во Лондон, и како поранешна професионална придружничка од британската фирма Нортерн стар, ги документира сопствените сексуални средби. Во 2014-та со идеја за голем проект отишла во Саут Бенк Универзитетот во Лондон: „Отидов со идејата да документирам платена сексуална интима како визуелен противотров на лажната визуелна интимност кај свадбената фотографија. Whoretography од тогаш прерасна во магистерска на овој универзитет во полето на дигитална фотографија и креативни медиуми.”

Сајтот на Whoretography има слики и приказни за животите и правата на сексуалните работници, како и блог со интервјуа и есеи за сексуалната работа. „Тоа е комбинација на сајбер-етнографија и методи за визуелно пребарување,” објаснува Мелиса. „Независна платформа за објавување и активизам.”

Првото печатено издание на списанието на сличен начин пристапува кон инклузивноста. Во вид на дневник, со многу фотографии, комбинира славни цитати за сексуалната работа со пронајдени слики од анонимни стриптизети од ’70-тите, и серија современи фотографии наречена „Славење на селфито на сексуалната работа.” Целта на Мелиса и е да го предизвика начинот на кои луѓето гледаат на животите на сексуалните работници, истовремено давајќи им простор самите да си кажат.

„Мора да се промени начинот на кој општеството ги третира сексуалните работници и нивните клиенти,” вели таа. „Верувам дека една поискрена слика од сите сфери на сексуалната работа може многу да помогне.”

Оние што придонесуваат за Whoretography ги има од активни сексуални работници, до поранешни придружнички, и автори, академици, стриптизети и фотографи.

Има лични приказни од банкар од Вол Стрит што го откачила сексуална работничка и интервју со Кејт Листер, историчарка на сексуалност, која го води Whores of Yore („Курви од времето”), секс-позитивно истражување и архива за права на секс-работници.

Во првиот број, извесна Марсела Ромејн ја споделува нејзината приказна во фото-есеј во прво лице и текст – дел од серија што се вика “Whoredinary People.”

„Верувам дека и на сексуалните работници им следува лице и глас,” пишува таа.

Списанието не е само славење на оваа замаглена култура, туку претставува и промена од фантазирачката, главно машка перспектива низ која често се гледаат сите сексуални работници.

„Мораме да го славиме фактот што сега тие се креатори на еден имиџ,” вели Мелиса. „Сексуалните работници навистина имаат моќ над начинот на кој се визуелно претставени во општеството; сега можат да ги предизвикаат социјалните конструкции за нивните животи. Им отежнуваме на прохибиционистите да ја контролираат визијата за нив, ако сега имаат сопствен фотографски глас.”

Мелиса наскоро ќе го започнува нејзиниот докторат на Универзитетот Вестминстер во јануари, и продолжува да го користи нејзиниот глас и камера да ги претставува сексуалните работници. „Whoretography бара од луѓето да се откажат од нивните претходно дефинирани концепти за сексуалната работа и да почнат да гледаат во тоа што е навистина пред нив. Тогаш ќе биде можна и декриминализацијата на сексуалната работа,” завршува таа.

21 декември 2017 - 14:36