Компанијата на Сајмон Кауел може да добие тужба за трауми

Поранешни натпреварувачи на Икс Фактор тврдат дека појавувањето на шоуто било „ужасно искуство“.

Продукцијата на Сајмон Кауел, СајКо се соочува со мултимилионска тужба од поранешни натпреварувачи на шоуто за таленти Икс Фактор.

Неименуван извор за Сандеј Мирор сведочи дека таа и пет други учесници ќе разговараат со адвокатска фирма за да тужат за најмалку милион фунти заради искуство со „булинг, лош третман и негрижа“.

„Учеството на шоуто беше страшно искуство. Со години страдаме како резултат на тоа. Ужасно е,“ изјави жената за весникот. „Изгубивме многу пари поради периоди во нашите животи кога не сме можеле да заработуваме затоа што сме се справувале со трауми останати од шоуто. Ќе биде случај со над милион фунти. Се работи за правда и за компензација за времето и парите што сме ги потрошиле со медицински професионалци во обид повторно да живееме нормални животи.“

СајКо го држеше британскиот Икс Фактор, потоа американскиот што имаше три сезони, плус Британија има талент и Америка има талент.

Тужителката споделува и дека многу од учесниците не спиеле, плачеле и страдале од траума пред да излезат на сцена.

„Менталната состојба на учесниците не беше ничиј интерес. Бевме само пиони во нивната игра. Кога се пријавив на шоуто, бев самоуверена, амбициозна и харизматична. Сега сум екстремно недоверлива, емотивна, нервозна и полна анксиозност.“

Од СајКо го замолиле весникот Мирор да истакне дека нема никакви наводи дека Кауел лично бил на некој начин свесен или инволвиран во инцидентите што се наведуваат во потенцијалната тужба.

Ова се разбира може да повлече десетици нови оштетени кои би можеле да се вклучат во тужбата.

Претставник на Икс Фактор вели дека,

„Добросостојбата на тие што учествуваат ни е прв приоритет и имаме робусни мерки и тимови што обезбедуваат поддршка во секое време. Не знаеме за правни средства потегнати против Икс Фактор и без разлика што не се емитува неколку години, отворени сме за дискусија со секој што ќе избере да дискутира.“

17 октомври 2022 - 12:50