Колку често се менува четката за заби?

Ако не ви текнува кога последен пат сте ја смениле, тогаш - време е.

Постојат официјални правила за тоа колку често се менува четка и има добри причини да се сфатат сериозно.

Стоматолозите советуваат да се четкаат забите два пати дневно, по две минути, а предлагаат и четката да се менува на секои три до четири месеци, особено ако влакната се видливо оштетени и проретчени. Тоа му доаѓа на 12 до 16 недели или четири пати годишно. Американската асоцијација на стоматолози се согласува дека замената на четката со овој распоред е од суштинска важност бидејќи и ефикасноста ѝ се намалува како што се користи.

За да се продолжи векот на четката, советот е темелно да се плакне од паста и наслаги, што е особено важен чекор во борбата со бактериите, а ич да не почнуваме за невидливите или едвај видливите крв, плунка, тоа што останало во уста и така натаму.

После плакнењето треба да се остави во исправена положба, за да се суши. Ако ја држите во затворена кутија (дури и да е само околу главата на четката), создавате фина средина за создавање микроби.

Има повеќе начини да се потсетиме да ја замениме четката за заби. Некои електрични модели сами предупредуваат - најскапите дури имаат и влакна што менуваат боја со тек на време. Без да претеруваме - доволно е да се забележи датумот кога се отвора и да се запише на кој датум четката „завршува“.

23 февруари 2024 - 11:32