Кога си гаден, ама не сфаќаш

Не е многу тешко да се движиш низ животот без да се однесуваш ко кретен. Избегнувај да зјапаш во туѓи прозорци, не се пипај во јавен превоз и не се пуштај на тинејџерки. Врв, сеир и многу поучна драма на Редит.

Особено кога истите тинејџерки јасно ти кажале дека не сакаат да комуницираат со тебе. Би требало да е јасно ова, нели?

Во сцена како собрана од скопски ноќен клуб, еден 31-годишен тип никако да се убеди дека неговата средба со група тинејџерки не била језива, па решава неговата „неприлика” да ја сподели со светот.

„Имам 31 година,” ќе почне овој грозен лик, „и неодамна раскинав долгогодишна врска. Бев скршен.

Скоро отидов во еден фин ресторан/бар со еден другар да се забавуваме. Секој, на било која возраст може да влезе таму. Додека бевме таму, имаше една девојка што славеше 19-ти роденден (пееја и имаа торта со 19-ка на нејзе).

Славеничката беше убава, па сакав да одам да ја замуабетам. И другарките ѝ беа многу слатки. Другар ми ми кажа да ги оставам на раат затоа што „се бебиња”. Прво не сакаше да одиме до кај нив, но после раскинувањето секоја друга жена освен бившата за мене беше невидлива. Па дојде со мене да ми помогне.”

Веќе е незгодно затоа што е упорен дека мора да оди и да се замуабетува со девојките, без разлика што другар му го предупредува. Дванаесет години се помлади од него, ама ајде, добро. Оди да разговара. Да речеме.

„Отидовме и честитавме роденден. Мислев дека сè оди како што треба, жените се смееја. Одеднаш, една ми свика 'аман, читај меѓу редови Р. Кели,' а јас се изненадив и реков 'молам?' Таа рече дека треба да се потрудам да забележам дека им е незгодно. Друга нè замоли да се тргнеме. Јас сакав да се тргнам, но ми пречеше коментарот за Р. Кели (обвинет за напаствување малолетнички).

Реков дека е сјебано да ме нарекуваат предатор кога сме сите возрасни. Другар ми сакаше да си оди, но јас храбро останав.”

Гледате како он храбро останал и им се спротиставил на овие млади жени и на другар му кои сите заедно се согласиле дека треба ДА СЕ ТРГНЕ. Но, се разбира, зошто ваков цреп би запрел тука?

„Славеничката рече дека не е важно и дека е чудно што некој на моја возраст им се пушта, особено кога толку јасно кажуваат дека им е неудобно. Се извинив што им направив незгодно, но тоа не им даде за право да ме нарекуваат предатор.

Една од жените рече дека е личен проблем. Јас реков дека на возрасни им е дозволено да им се додворуваат на други возрасни. Не е тоа криминал. Една ме праша зошто уште стојам тука и ми се развика да си одам.”

Него уште не му е јасно, бе!

„Се изнервирав и си отидов (е, конечно му текна да си отиде љут!). Бев бесен и понижен.

Кога седнавме, вриев. Другар ми ми рече дека сум јас крив што не сум видел дека им е незгодно. Него му било очигледно, па сакаше да си оди. Ме рече дека сум во заблуда. Јас му посочив дека се смееја, а тој ми рече дека се смееле од незгодно.”

И другар му значи, глуп, само он паметен.

„Му реков дека имам право да се лутам што ме викаат предатор, кога сите имаа по 18-19 години. Беше ужасно обвинение. Бившата беше 6 години постара од мене. Тој рече дека не ме нарекле предатор, туку чуден што се пуштам на тинејџерки. И дека требало да се свртам и да си одам многу порано. Јас мислам дека требаше да ме одбрани.

Згрешив ли што се одбранив самиот или што им се пуштав воопшто? Им се обратив со почит и не бев незгоден.”

Познато ли ви е ова? Не се знае од кај излегуваат вакви, ама често влегуваат по кафичи и клубови, тоа сигурно.

Во случај целото женско друштво да не му беше доволно, и другар му да не му беше доволен, има и Твитер мислења. На пример:

„Сите ми рекоа дека грешам, дури и другар ми што би требало да е на моја страна, ама јас сум во право, нели?”

или

„Другарот не отишол да помага, отишол да пази да не го уапсат.”

или

„Им се обратив со почит и не бев незгоден = новото ‘биди благодарна што сум фин’? Не, друже, почит би значело да не ѝ честиташ роденден само затоа што си мислел дека се „слатки” со другарките и си сакал „да им направиш муабет”. Најмногу што можеш е да кажеш среќен роденден на поминување, па да си одиш.”

И баш кога мислиш дека е завршена работата, се појавува СЛАВЕНИЧКАТА, на истиот медиум!

И вели вака:

„Триесетгодишните не се грозни заради годините. Сите стареат. Триесетгодишни што ти пречат со флертување за време на роденденска вечера се грозни. Видов пост што го опиша мојот роденден од пред три недели. Прво не ми беше гајле, но сега имам потреба да разјаснам неколку работи, иако многу луѓе се налутија за коментарот со Р. Кели. Дали беше злобно? Да. Ама јас завршив со финоќа со кретени.

НЕ БЕШЕ БАР. Беше „бар и скара”, но главно ресторан кој служеше и пијачки. Седевме блиску до една фамилија. Значи не бевме на место каде што луѓе одат да им се пуштаат. Си бркавме работа и се кикотевме на едно сепаре.

Дојде и ми честиташе роденден. Реков фала, и се вративме на разговорот. Супер беше што ми честиташе! Но, тој остана. Незгодно се насмеавме и продолживме со разговорот. Тој уште стоеше и упорно нè прекинуваше.

Секогаш кога ќе кажеше нешто, кимнувавме со глава и му вртевме грб. Му рековме и „фала, чао” неколку пати. Но тој уште стоеше таму и ни зборуваше. Другар му упорно бараше изговори да си одат. Бев изнервирана, згадена и незгодно ми беше, но му кажав едно културно, ‘океј, пријатна вечер. Еве ви и торта за дома, чао.' Но тој ја зема тортата и НИ СЕДНА НА СЕПАРЕ. Рече ‘Ноќта не е завршена.'

Тогаш другарка ми збесна, а да не збеснеше таа, јас ќе збеснев. Кога му рече ‘Р. Кели’ не го обвини дека е педофил, туку кретен. Триесетгодишни што ни се пуштаат ни се језиви и гадни, точка. Фини бевме цело време, дури им покажавме суптилно и им дадовме торта. Другар му дури и бараше причини да се тргнат.

Потоа, си ја дозволи таа дрскост да стои таму и да се расправа со нас. Му реков дека е престар за нас и дека од старт е језиво.

П.С. Кога не праша колку години имаме и ни ги кажа неговите, ни стана милион пати понезгодно. Типот имаше 30 и сакаше да ќари 18-годишни на роденденска вечера. Навикнати сме постари мажи да ни досаѓаат и СЕКОГАШ е гадно. Тие што викате „да не беше грд сигурно ќе му простевте”, да ви кажам дека изгледаше пристојно. Да не го запознаев, ќе ѝ го наместев на тетка ми. Ама имаше 30 и беше престар! Ова не е порно и не сум запознала сингл девојка очајна за 30-годишен разведен лик. Да ти речат дека си 'легална' е понижувачко. Целиот случај е за повраќање. Кога дојде, кажа колкав е и нè праша нас, како да ни бараше лични карти во семеен ресторан. Мрш, бре. Ми се смачи да бидам фина со мажи што се морничави и немаат грам почит.”

Девојчето е извадено од памет дека ѝ се пуштал 30-годишен тип. Триесет ѝ е „старо и разведено”. „Грозно и језиво”.

Сфаќате сега колку се мали тие што ги ловите по град?

29 мај 2019 - 22:15