Беше дел од групата супермодели што ги славеа како рок-ѕвезди - сега симболизира една помината ера што уште ни е фасцинантна ден-денес. Се проби со реклама за Гес, а дури пред неколку месеци призна дека никогаш немала „нагон за живеење под рефлектори“ и за разлика од колешките од времето, како Кејт Мос на пример, никогаш ја немаше по таблоиди за некакви афтер-парти скаламуции.
Ја откриле на подиум во диско на 17, во Дизелдорф - во тоа време сакала да стане адвокат. Знаеме дека не завршува како адвокат, туку на насловни од над 1000 (илјада!) списанија. Од целата нејзина кариера, денес на сметка има 200 милиони евра.
Особено ја сакаат во Париз, поради сличноста со Брижит Бардо и во 1988, Карл Лагерфелд ја вика во Шанел и со тоа ѝ помага да стане најплатената манекенка во светот.
„Засекогаш ќе му бидам благодарна,“ напиша таа кога почина Лагерфелд во 2019, додавајќи дека ја научил за мода, стил и како да преживее во модната индустрија.
За најпопуларните години вели:
„Беше лудо. Како да бев рок ѕвезда. Не можеше ни до кола да се стигне ако не ти е расчистена патеката. Луѓето сечеа дупки во шаторите каде што се пресоблекувавме за да не сликаат.“
Морала да вработи чувар за долната облека, затоа што додека шетала по писта, зад кулиси нонстоп ѝ снемувало гаќи и прслуци.
Сега живее тивко, во англиско село.
„Среќна сум што полнам 50 и животот никогаш не ми изгледал побезбеден и посреќен. Не се обидувам ни да изгледам ни да се чувствувам помлада.“
Се пензионираше во своите доцни 20-ти, а во 2018 се појави заедно со Донатела Версаче и другите супермодели од ’90-ти.
Денес живее со сопругот, продуцентот и режисер Метју Вон и нивните три деца во Оксфордшир, има своја колекција на облека и додатоци - „Клаудија“ за еден француски бренд и на Инстаграм има 1,3 милиони следачи.