Кишловски за Америка

„Има многу причини зошто Америка не ме привлекува. Прво, не ми се допаѓа Америка. Преголема е. Има премногу луѓе. Сите трчаат наоколу пребрзо. Има премногу бука, премногу врева. Сите силно се преправаат дека се среќни тука.“

Но, јас не верувам во нивната среќа, мислам дека се исто несреќни како нас, освен што ние сè уште зборуваме за тоа понекогаш - но тие само викаат дека сè е во ред, дека сè е фантастично. Ми оди на нерви тоа секојдневно, а за жал, режирањето е секојдневен живот. Мораш да поминеш половина година на едно место, во една земја за да направиш нешто. А ако сум соочен година дена со луѓе што велат дека сè е фантастично, не би можел да го поднесам тоа.

Се плашам од Америка. Секогаш кога сум во Њујорк имам чувство дека ќе пропадне и паметот ми е само како да го избегнам тоа кога ќе се случи. Тоа важи за сите места во Америка. Нема толку луѓе и толку бучава во Калифорнија како во Њујорк, но има многу коли на сите страни и многу се сомневам дека во нив се возат Американци. Си викаш, кој е внатре? Отсекогаш сум имал впечаток дека тие коли сами се возат. Затоа сум просто исплашен од таа земја и секогаш имам чувство на дефанзивност кога сум таму. Сум бил и во мали провинциски места, и пак се плашам и секогаш бегам. Се затворам. Бегам во хотелот и обично спијам. Ако успеам да заспијам, не заспивам лесно како порано. Но ако успеам, тоа правам.

Кога Американците ќе ме прашаат како си, им велам „така-така“. Веројатно помислија дека ми умрел некој. А јас бев само преморен од летот, затоа што патував седум часа и не ми беше баш добро. Но, доволно беше да кажам така-така и тие веднаш да помислат дека нешто трагично се случило. Не можеш тука да кажеш така-така. Мораш да кажеш добро, или многу добро. Најоптимистично што можам да кажам е „уште сум жив“. Затоа не сум створен за Америка. Второ, не дозволуваат да влезе режисер во собата за монтажа, барем не во големите студија. Режисерот го режира филмот, тоа му е работата. Таму, еден пишува сценарио, друг режира, трет монтира. Немам сомнеж дека еден ден ќе режирам нечие друго сценарио што ќе биде многу подобро од моето, и многу поубаво и поумно. Но, никогаш нема да се откажам од монтирање. И од таа причина не можам да одам во Америка. Се разбира, не можам да одам затоа што не дозволуваат цигари, па секако има доволно причини што не ме привлекува.

1 февруари 2024 - 12:08