Каков проблем имаат сексуалните работници со Мета?

Политиките на Инстаграм се нејасни и отворени за толкување, баш како и законот.

Од неодамна, сексуалните работници протестираат против Мета и тврдат дека е нефер што им се бришат содржини без предупредување. Тврдат и дека системите за обновување на профилите се непотребно тешки за навигација и дека не добиваат фидбек зошто им се гасат и објави и акаунти. Во јуни, се собраа пред канцелариите на Мета во Лондон, со табли „Суспендирани само затоа што постоиме“, а не им е ни прв пат - минатата година проектираа џиновски слики од женски тела преку зградата на Мета за да фрлат светло на цензурата на женските и небинарните тела на платформата.

Мета одамна има политика да отстранува содржини поврзани со секс, дури и кога нема голотија или порнографски аспекти кои ги нарушуваат нивните правила. Поради ова, многумина си прават авто-цензура, до степен во редовна употреба да влезе зборчето seggs, за да не добиеш шамар од Инстаграм и Фејсбук затоа што си напишал секс. Поради овој и слични примери, сексуалните работници сметаат дека се нефер таргетирани од страна на компанијата, бидејќи претставуваат група која е и онака неразбрана и шиканирана од десничарските политики.

Профилот на Инстаграм на Синдикатот на сексуални работници во Велика Британија беше суспендиран три месеци, а кога успеале да го вратат, им било кажано дека е поради тоа што содржи слика со зборовите „Синдикат на сексуални работници“, кој го сметале за „непристоен“.

Портпарол на синдикатот вели:

„Отсекогаш општеството туркало да се стигматизираат и отстранат сексуални работници, но сега западниот свет политички се менува кон десно. Десничарските политики секогаш вината ја префрлаат на маргинализираните групи, на групи што ги сметаат за штетни за самото општество, па сексуалните работници стануваат лесна мета затоа што е полесно да ги обвиниш нив за проблемите во светот, отколку да ги обвиниш капитализмот и патријархатот.“

Сексуалната работа не е нелегална во Велика Британија, но има борба за комплетна декриминализација со години, бидејќи моменталните закони ги активно ги изолираат работниците. На пример, борделите се нелегални, што е закон кој многумина сметаат дека спречува сексуалните работници да се организираат во колективи заради безбедност и наоѓање безбедни локации за работа. Двајца, на пример, ако живеат заедно, можат да бидат уапсени за водење бордел, без разлика што не работат во тој простор во исто време.

„Сакаат сексуалната работа тивко да ја снема. Како што донесоа закони да ги истераат сексуалните работници надвор од центар на градот, за да не нѐ гледа средната класа, политиките на Мета се исто за тивко и бавно да нѐ доведат до невидливост.“

Патем, ова е истата фирма што важи за најуспешна мрежа за поврзување педофили

9 август 2023 - 10:37