
Шимизу работела како илустратор во компанијата Санрио, каде добила задача да осмисли мал, симпатичен лик за печатење на разни производи. Резултатот бил едноставен бело-розев цртеж: маче без уста, со црвена панделка. Во моментот, дизајнот изгледал речиси премногу тивок. Од раководството во Санрио наводно се двоумеле и сметале дека ликот е премногу едноставен и детски. Но токму таа ненаметлива смиреност го издвојувала.
Отсуството на уста не било пропуст, туку свесна одлука. Шимизу сакала ликот да функционира како огледало - секој што ќе го погледне да може да ги проектира сопствените чувства врз него. Во зависност од расположението на набљудувачот, мачето можело да изгледа среќно, тажно, смирено или замислено. Наместо да наметнува емоција, ликот ја примал - така, без зборови, станал придружник што „разбира“.

Во 1975 година, ликот за првпат се појавил на мал паричник од винил. Единствениот збор отпечатен на него бил „Hello“. Од тој момент, Hello Kitty почнува да постои како бренд. Шимизу подоцна го именувала ликот според маче од делото Through the Looking-Glass на Луис Керол и му дала британски идентитет. Во официјалната биографија на Санрио, Hello Kitty се вика Kitty White, родена е во Лондон, има сестра-близначка (Mimmy), и семејството ѝ е прикажано како типично британско. Овој британски идентитет бил свесен избор во 1970-тите, кога Јапонија имала силна културна фасцинација со Британија - чај, Алиса во земјата на чудата, викторијанска естетика, такви работи.
Само две години подоцна, Шимизу ја напушта компанијата Санрио, се мажи, станува хонорарна дизајнерка и продолжува со својата кариера надвор од компанијата. Не добивала хонорари, ниту сопственички удел во брендот - но, во тоа време, ликот сè уште не го достигнал глобалниот статус што ќе го има подоцна.
Денес, Hello Kitty е бренд со проценета вредност од над 80 милијарди долари во глобална малопродажба. Присутна е на сè - од училишен прибор и детска облека до модни соработки, уметност и поп-култура. Шимизу, пак, продолжува да создава други ликови, меѓу кои Angel Cat Sugar и Rebecca Bonbon, но никогаш повторно не го достигнува истото ниво на успех.