Како мислиш, се продава свастика на ланче?

Онлајн продавницата Шеин продава метален привезок-свастика со ланче и така си го продаваа додека некој не праша „дали сте здрави?“

Продавале и килими за молитва што ги користат муслимани како „декоративни чергичиња“, ама тоа е сега старо, и за да бидеме во тек, ќе навлеземе со продажбата на еден од покошмарните симболи на западниот свет.

Инаку, ланчето се продавало за 2 ипол долари, а други производи со свастика изгледа немаат.

Од организацијата Stop Antisemitism јавно побараа Шеин „веднаш да го отстрани производот од сајтот, бидејќи претставува масовно убиство на милиони“, а еден час откако постот се појави на Инстаграм, и свастиката ја снема.

Како што веројатно очекувате, претставник од Шеин за Базфид Њуз изјавува дека „не е тоа наци-свастика, туку будистичка свастика што симболизира спиритуалност и добра среќа.“

Дека ќе седнеш во кафич со ланчето и баш сите ќе речат „ееее, девојчево баш убаво ја познава будистичката филозофија, хм, хм!“

Едни се згрозени, (а веќе им го собираа со чергите), други се обидуваат да се наметнат со „Прочитајте нешто“, истакнувајќи ја другата страна на симболот (таа со фините работи), само што едноставно не може да се изигнорира улогата на свастиката и нејзината симболика во западниот свет и точка.

Претставникот додава и дека наци-свастиката има поинаков дизајн, дека е свртена во правец на стрелките на часовникот и закривена под агол.

„Сепак, бидејќи разбираме како некој би можел да ги помеша двата симболи, а едниот е крајно навредлив, го отстранивме производот од нашиот сајт,“ вели тој. „Како мултикултурален и глобален бренд, длабоко се извинуваме на оние кои се навредени и осетливи по ова прашање и би сакале да биде јасно дека на никој начин не поддржуваме расна, културолошка и религиозна предрасуда или непријателство.“

10 јули 2020 - 01:42