Како гламурозен сон ми беше. Музиката трешти од невидливи звучници некаде над нас, а блицови осветлуваат славни личности испоседнати во првите редови. Чувство дека се случува нешто големо, а јас сум сред сето тоа. Си најдов место во гужвата меѓу другите фотографи и чекав возбудено. Кога се изгасија светлата и музиката почна да се стишува, се напнавме и нанишанивме со објективите внимателно кон пистата. Притисокот да се направи најдобрата фотографија е интензивен.
Почна шоуто и почнавме и ние. Но, немаше ни неколку минути, а фотографот до мене ме мавна по глава со неговиот апарат. Наместо да ми се извини, ми рече да му се тргнам од пат. Шокирана бев и немав ни место да се помрднам - само го мрднав телото малку. Но тој беше упорен. Му го осетив лактот во ребра и така силно ме бутна што за малку ќе му паднев во скут на тој до од другата страна. Како резултат на тоа, пропуштив два модели. Му се свртев и му реков: „Сериозно ова?“ Тој не одговори.
Откако се поклони дизајнерот и светлата повторно се вклучија, станав и се свртев кон човекот што намерно ме удри. Само што отворив уста да му се дерам, тој стана, ме надвиши и со двете раце ме бутна во ѕид. Лицето му беше црвено и му капеше пот. „Јас сум им главниот фотограф, овцо,“ ми рече и ме плукна во лице.
Кога се сврте, сакав да му се нафрлам. Но тогаш ја видов уредничката на списанието за кое сликав. Таа, сосема несвесна за она што се случило се смешкаше и ми мавна да одам кај нејзе. Понижена, си го избришав лицето и отидов. Бев нова и не сакав да правам проблеми. Па, не реков ништо.
Не беше последен пат да ме малтретираат или да ме омаловажуваат како една од малкуте жени-фотографи на Модната недела. Оттогаш, ме буткале, ми мавале лакти во лице и ме нарекувале со секакви погрдни имиња - сето тоа од машки колеги.
Главно сликам зад сцена сега, бидејќи се вљубив во хаосот на фаќање коса, шминка, први појави и френетичната енергија на спремањето. Но, дури и во вакви моменти, кои знаат да бидат и магични, неколку агресивни фотографи знаат да влезат и да ја сменат температурата во просторијата. Минатата година сликав во бекстејџ на Њујоршката модна недела и ме бутнаа силно одзади. Постар белец со карго панталони ми се дереше да му се тргнам од пат за да може да слика. Ме исплука додека ми се дереше и ми се размафта да се тргнам. Друг фотограф се насмеа и покажа кон гардеробата. „Манекенките треба да се овде, душо,“ ми рече. За жал, ова е пречесто исксутво за сите жени што сликаат зад сцена.
Како и многу индустрии, модната фотографија има проблем со половата еднаквост. Само 2% од фотографите што работат со големите комерцијални агенции се жени. Само 5 проценти од сликите што ги користат големите издавачи се направени од жени. Бројот на жени од други раси освен белата зад камера е уште помал. Сето ова дозволува непристојно однесување на фото-сесии и големи настани како Фешн Вик - а проблемот не се задржува само на големи имиња што веќе беа обвинети дека сексуално малтретирале манекенки.
Се сеќавам првиот пат кога бев сведок на фотограф што тргна да слика една млада манекенка додека се пресоблекуваше. Беше 2017, година дена пред да стане закон да има приватни гардероби за пресоблекување. Фактот што овој тип, кој сликаше за еден од големите магазини стоеше на отворено, со таков авторитет, наместо да се крие зад некоја закачалка, ми кажуваше дека и претходно го правел ова. Не му беше гајле дали ќе го фатат. Стандардно му беше ова. Ништо посебно. Ми се растропа срцето и почна да ми се лоши. Никој не интервенираше затоа што однесувањето му беше нормално, нешто што манекенките мораа да го прифатат како секојдневие на работа.
Сакав да му го грабнам апаратот и да му викнам обезбедување. Но, како и многу сведоци, се чувствував немоќно. Едвај втор пат ми беше зад сцена. Се секирав дека ако направам проблем, ќе ја изгубам мојата шанса, сонот што го живеев после многу години напорна работа. Ми се чинеше дека сѐ уште треба да се докажувам. Можев премногу да изгубам. Сега ми е жал што не кажав ништо и тоа ме прогонува.
Сега почнува првата модна недела во Њујорк годинава и како што почнувам со седмата сезона, одново и одново се прашувам: Зошто на овие токсични мажи им се дозволува да зафаќаат толку простор? Има безброј фотографи, од сите бои и полови, со талент и достоинство, што чекаат да дојдат на нивно место. Зошто овие луѓе што постојано покажуваат непрофесионално и предаторско однесување се ангажирани, па уште и заштитени во еден пост-#MeToo свет?