
Теодор Рузвелт има еднаш кажано дека споредувањето е крадец на радоста. Сепак, како да не сме моќни пред тој импулс, кој е истовремено примален и деструктивен. Од таму потекнуваат милион фрустрации, заради тоа знаете да заглавите во оговарање на недолжна личност со саати, или до успивање да скролате по нечиј Инстаграм тешејќи се со, „па и не е толку убава.”
И ако нагонот да споредиме е пресилен за да се игнорира, ако сме секогаш свој најстрог критичар, тогаш во што е тајната да се биде задоволен сам со себе? Постои ли ефективен начин да се намали или да исчезне тоа чувство на инфериорност во било кој поглед?
Треба да се вежба и да се побара стручен совет. Особено ако им штетите на другите со инсистирањето да споредувате сè и сешто.
Д-р Лиса Фајрстоун, клинички психолог има пет совети како да не бидете глупи по ова прашање:
1. Испитајте од каде доаѓа нагонот да се споредите себеси.
„Често, родителите нè споредуваат со други, без разлика дали се тоа браќа/сестри или друго дете и тоа ни се всадува во глава,” вели д-р Фајрстоун. „Една жена неодамна дојде на една од моите работилници и кажа дека мајка ѝ ѝ велела, „ти си поубава од другите девојчиња” или „ти си попаметна од другите девојчиња,” најмногу затоа што сакала да биде мајка на најубавото и најпаметното девојче. Значи било повеќе за неа, отколку за нејзиното дете. Сега, секогаш кога оваа жена ќе влезе во просторија, дури и на 40 години, се споредува со сите што се внатре. Ова го спомнувам како пример, затоа што покажува колку е важно критички да размислувате околу тоа зошто се споредувате и кога. Ако го идентификувате изворот, ќе му ја намалите моќта.”
2. Канализирајте го импулсот да се споредувате во нешто попродуктивно.
„Кога сте љубоморни на одредена карактеристика или нечие однесување, погледнете го како опција за подобрување на самите себе - не на самокритичен начин,” вели д-р Фајрстоун. „Со вистинската перспектива, набљудувањето на успехот на другите луѓе може да направи да се чувствувате помоќни. Наместо да се прашате зошто го немате тоа што имаат тие, или зошто не сте го постигнале тоа што постигнал некој друг, прашајте се што можете да научите од нив.”
3. Внимавајте на тоа колку социјалните мрежи можат да претераат со совршенството.
„Социјалните мрежи ни даваат пристап до споредување 24/7. Порано за туѓите успеси и неуспеси слушавме само лично, но сега ги слушате и ги гледате сите - цело време. Не само тоа, луѓето имаат тенденција само најдобрите вести да ги споделуваат на социјалните мрежи, што покажува нереална слика. Го храни оној „страв да не пропуштаме нешто”, и стравот дека немаме доволно или не правиме доволно. Сите се смешкаат на сликите од одмор, ама не значи дека се цело време среќни.”

4. Водете дневник за вашите критични внатрешни мисли.
„Кога ќе ги запишете критичните мисли и ќе почнете да ги отпакувате, полесно е да забележите каде грешите. Ќе почнете да си наоѓате дупки во негативното мислење за себеси. Ова е вежба која често им ја давам на моите клиенти. Еден човек што имаше тенденција да се споредува, особено со неговите цимери на пример, затоа што имаа добра работа и заработуваа добро, го предизвикав да размислува за неговите внатрешни критични дијалози. И на крај, кога го прашав дали сака да биде во истото поле како неговите цимери, рече ‘не’.”
5. Дружете се со луѓе кои навистина ве сакаат и ви прават да се чувствувате добро.
„Семејството и пријателите пред кои можете да бидете свои - тие луѓе ви требаат околу вас. Сепак, не мислам дека не треба да поминувате време со луѓе кои ви помагаат да се развивате. Најдете луѓе кои ве ценат баш такви какви што сте, но и кои ќе ви помагаат да решавате проблеми, секогаш кога ќе треба да излезете од комфорната зона. Истражувајте активности што прават да се чувствувате способни и исполнети. Фокусирајте се на создавање значење во животот, наместо постојано да се обидувате да постигнете некој неопиплив стандард што сами сте си го поставиле.