Глупиот, мудрувачки настроен машки глас нè внесува во собата на една убава девојка што ја фали и се обидува да одгатне што прави. Дури и ќе ја пофали - убаво изгледала, одлично била стокмена.
Во еден страшен момент, девојката става очила со диоптер, па гласот нажалено ќе рече „Ех, сега сѐ уништи“.
Ама добро, да не се преправаме дека не се гледаше така на жени со наочари до скоро. Среќа, децава ги исправија работите во последниве 10-15 години.
Од таму, да не биде трагедијата преголема, нè носат во Холивуд каде што мејкап-артистот Еди Сенц покажува како наочарите да истакнат што треба и да сокријат што не треба.
И тука тие што се со лесно увредлива природа треба да бидат внимателни - се зборува за „коригирање“ на „проблеми“ како форма на лице, па и за „гламурозен изглед ДУРИ и со очила“.
Главното интересно е што оригиналниот филм од ‘40-те е реставриран во боја и денешна резолуција и нуди времеплов за луѓе што сакаат винтиџ совети за убавина.