Како асексуалците се снаоѓаат во врска?

Иако само 1% од населението се идентификува асексуално - сексуалната ориентација која се дефинира како недостаток на сексуална привлечност - асексуалците остануваат релативно невидливи и ретко се истражувани. Од овие причини се и мета на дискриминација и стереотипи.

Општата претпоставка е дека асексуалните лица се и аромантични - дека не се заинтересирани за романтични врски или не се способни за тоа. Ова се коси со вистината, бидејќи асексуалноста постои на спектар и постојат повеќе начини на кои претставниците на оваа група искусуваат сексуалност и љубов.

Едно недамнешно истражување направено со помош на колегиумот од факултетот Мичиген Стејт, испитува луѓе на асексуалниот спектар кои се во романтични врски. Идејата била да се научи повеќе за нивните искуства - кои често излегува дека и не се разликуваат многу од оние на луѓето што не се наоѓаат на асексуалниот спектар.

Во популарните медиуми, асексуалноста едвај и да се појавува. Кога ја има, луѓето се претставени како чудни, роботски и неспособни за љубов. Во мејнстрим културата, има и еден елемент на одрекување - многумина веруваат дека асексуалноста е невозможна - дека на тие што се идентификуваат така мора нешто да им фали, на пример - да имаат хормонски проблеми. Се појавуваат и коментари како „не го нашле вистинскиот“ или „треба да се потрудат.“

Во реалноста, многу асексуалци бираат да бидат во врска, но процесот оди различно. Некои може да учествуваат во немоногамни врски. Други се принудени да си кажат и за сексуалноста иза идентитетот, а притоа и да се плашат од реакциите што може да не се баш позитивни и да донесат потешкотии во врската.

Сепак, многумина од нив се пронаоѓаат во Моделот на поделена привлечност - теорија што покажува дека романтичната и сексуалната привлечност се две различни искуства, па затоа човек може да искуси секс без љубов и љубов без секс. Со ова на ум, можно е асексуалците да се идентификуваат со романтична ориентација и да бараат романтични врски, бидејќи се работи за различни искуства.

На крај, истражувањата покажуваат дека асексуалците можат да искусат љубов еднакво како и другите сексуални ориентации, со истите можности за радост и развој, со истите предизвици за снаоѓање при конфликт и истата можност за доживотна посветеност.

12 јануари 2023 - 00:00