Интересно е да се запознае, макар и виртуелно, преку видео, тип со клиенти како Ана Винтур, Иман, Мариска Харгитеј и Дејвид Боуви. Откако ќе се изнаслушаш, изнагледаш и изначиташ сè за луѓето, на ред доаѓаат луѓето што тие ги бираат да им уредат дел од животот.
Човекот се вика Џефри Билхубер, и за себе и за син му Кристоф, како предизвик си зема историска куќа на Лонг Ајленд и ја реновира.
И? Вришти од смарт хоум-апарати и мазни, сјајни, модерни површини?
Не.
Нешто базеништа, журки, пештери и други Хјухефнерски догодовштини?
Не.
Бојата на ѕидовите во дневната соба има бизарно име - шик лимета, во случај да го мислите за следната ентериерска екскурзија.
А бидејќи било хотел, сега Билхубер има 8 гостински соби, секоја различно средена и секоја со испечатено име на вратата.
Најстариот дел од куќата е изграден во ------ 1668-ма! Имаме ли такви кај нас, а притоа уште да стојат на темели, а жителите да не им се бубашваби и глувци? Пријавете. Просто е превозбудливо да се помине низ место со толкава (и толку детално документирана) историја, а да не е црква, туку напротив - да можеш да живееш внатре.
Пресуда? Малце така, ту мач. Ама па, кои сме па ние да кажуваме. Тешко дека ова го читате во простор постар од 60 години.