Каде слават Њујорчани Нова година?

Ова како за промена од она нашето „кај за нова година”? Да видиме што се предлага во Њујорк.

Наводно, прируство на спуштањето на топката на Тајмс Сквер се гледа со подеднаков презир како да одиш на плоштад во Скопје. Скоро милион луѓе се гмечат меѓу себе таму и тоа воопшто не е атрактивен предлог за дочек на годината што следи. Наместо тоа, Њујорчани се пикаат по пријатни барови, тематски журки, па и балови. И ви треба планирање однапред и резервации, се разбира.

1. Нова година со Shanghai mermaid

Shanghai mermaid организира тематски, винтиџ балови преку цела година, на тајни локации кои ја одразуваат избледената величина на градот. Претходните журки имале теми како викторијанска сеанса, бајки со сирени, и џез казино. Детално испланирана со џез во живо, оваа година, новогодишната журка ќе биде во Црквата на светите апостоли во Челзи, со тема: холивудски неми филмови. Дали веќе почна да ве боде во мал мозок недостатокот на вакви работи во Скопје, или да се префрлиме на наредното?

Ај на наредното.

2. Кралскиот зимски маскенбал во Sleep No More

Мистериозниот хотел Мекитрик е домаќин на една од најмагичните вечери што можат да ви се случат во Њујорк, според messynessychic.com. Sleep No More е делумно игра, делумно истражување на божем опседнат, руиниран хотел, сето тоа во придружба на музиката на Бернард Херман од филмови на Хичкок. Во хотелот е и Галоу Грин барот во кој се влегува преку железничка станица од ’30-ти. Оваа година имаат маскенбал.

Знаеме дека на Скопје не му фалат стари, руинирани згради. Му фалат идеи, но добро.

3. Тематска ‘80ти забава во најубавиот Тики бар во градот

И тоа не само ’80-ти, туку Stranger Things ’80-ти. На првиот кат, уредено е како средното школо од серијата, а на вториот ви е „наопачкиот” свет. Треба и облеката да одговара со темата.

Колку маскенбали и тематски журки има во Скопје за Нова година?

4. McSorley’s Old Ale House

Во град полн со историски барови, McSorley’s Old Ale House има посебен шарм. Отворен е кон средината на 19-ти век, а кога ќе влезе човек внатре, како да влегува назад во времето. На подот има пилевина, а просториите се исполнети со фотографии од минатото на Менхетн. Плус, нема да имате само модерна нова година на автентична локација – ќе биде автентично до крај: се служи само нивното пиво, а на менито, меѓу другото има коцка кашкавал, пакетче крекери и половина свеж кромид. Уште се греат на железен шпорет.

Ова бар има кај нас, само што не е намерно така.

5. Надреалистичкиот бал во хотелот Рокси

Инспириран од легендарниот надреалистичен бал во 1972-ра на Мари-Хелен де Ротшилд, хотелот Рокси цени сè што е Дали, со екстравагантно костимиран уметнички бал. Шампањ, огромни икебани на глава и сè друго надреално што може да ви текне, сето тоа во хотел во Трибека.

6. Dances of Vice

Dances of Vice веќе една деценија прави впечатливи, стилизирани, декадентни, визуелни забави. Старинските костими кои ги носат присутните се замислени и остварени до детал, како што е направено и со локациите каде што се оддржуваат: од фантазмагорични Халовин журки во стари викторијански куќи, до венецијански балови под маски во балски простории. За нова година организираат вечер на „безобразен луксуз… на четири ката.” Основачот Шиен Ли вели: „дојдете облечени за висококласен хедонизам.”

Овде има уште.

Има ли кај нас волја за ваква работа, и што е уште поважно, мислите ли дека има публика?

И зошто не?

19 декември 2017 - 13:23