Јади како Ворхол

На тие што го сакаат, па и на тие што не го сакаат, Ворхол им е познат по неколку работи. Чуден е, чудно изгледа, уметноста му е вонсериска, влијанието на поп-културата му е незаменливо. Тие што ги занима повеќе, навлегуваат и подлабоко во неговата биографија. Ние сме до Ворхол и храната.

На еден од каналите полни богатства што ги нуди Јутјуб, има осврт на храна според Ворхол. Авторите на видеото се потрудиле да ни го претстават и според храната што ја обработува неговата уметност (што, океј, знаеме, сме виделе), но и преку неговите редовни оброци на кои бил фиксиран во одредени етапи на неговото творештво.

Меѓу другото, еден куп цртежи и слики има, кога работел за модни списанија (ракописот под нив е на мајка му!), фотографии од излозите за кои создавал уметнички дела, па и брошури за ревматоиден артритис.

И што е најважно, за да можеме стварно да јадеме како Ворхол, има рецепти. Тој со чоколадото е особено занимлив. Е сега, некои се едноставно лупење банана, ама моментот за уживање е што сè што е на списокот има приказна зад себе.

18 април 2019 - 21:06