Ја најдовме позадината на Мона Лиза?

Италијански историчар тврди дека го идентификувал мостот насликан позади Мона Лиза. Наводно е скоро уништениот Ромито ди Латерина во Арецо.

Едно мало гратче во Тоскана е живо среќно откако се прошири тврдењето дека мостот насликан зад најславниот портрет во светот е кај нив.

Италијанскиот историчар Силвано Винчети вели дека нема никаков сомнеж дека мостот Ромито ди Латерина во Арецо е она што Леонардо го насликал на пејсажот зад енигматичната Мона Лиза, со што се става крај на една мистерија проучувана со векови.

Леонардо ја насликал Мона Лиза во Фиренца во 16 век и се смета дека се работи за Лиса дел Џокондо. Теории за нејзиниот идентитет има многу, а се плетат и за мостот - едни тврделе дека е Понте Буријано блиску до Латерина, други Понте Бобио во Пјаченца.

Со историски документи и снимки од дрон и со споредби меѓу сликата и фотографии од областа, Винчети докажува дека се работи за етруско-римскиот мост Ромито.

Главниот доказ според него е во бројот на сводовите: мостот на Леонардо има четири, како што имал и Ромито. Понте Буријано имал шест, а Бобио повеќе од шест.

На Ромито му е останат само еден свод, а инаку се протегал преку реката Арно. Во времето кога е изграден, според документи што му припаѓале на семејството Медичи, меѓу 1501 и 1503, мостот многу се користел, а токму тој период и Леонардо се наоѓал во таа област. Прво бил во служба кај Чесаре Борџија, па потоа кај Пјеро Содерини, политичар од Фиренца.

„Дистинктивната форма на Арно во тој дел од територијата одговара со она што Леонардо го има насликано лево од благородничката на познатата слика,“ вели Винчети.

Градоначалничката Симона Нери вели дека теоријата предизвикала голема возбуда кај 3500-те граѓани на Латерина.

„Мораме да го заштитиме она што остана од мостот, а ќе требаат средства. А ќе има и ривалство. И ние ќе треба да си ставиме реклама.“

8 мај 2023 - 14:11