Истражување:

Можно е да ве игнорираат затоа што немате брада

Брадата одамна не е само за запуштени, или дедовци или моторџии. Денес е модерна. Само едно не е сменето уште од времето кога сељаците се плашеа од металци: мажите се позгодни со брада.

Освен што сега е моден тренд, брадата е важна и, вака народски кажано, за фаќање девојки. И дечковци. До толку станува важна, што може да е пресудна за тоа дали некој ќе ве забележи или ќе ве изигнорира.

Едно истражување од 2016-та, објавено во Журнал на еволутивна биологија покажува дека хетеросексуалните жени полесно бендисуваат маж ако има брада, поретко кога е тазе бричен.

„Кај многу видови, секундарните сексуални карактеристики еволуираат заради женскиот избор, бидејќи предизвикуваат индиректни (на пример, генетски) придобивки или директни придобивки како подобрена плодност или преживување. Во тој контекст, брадата сигнализира машка социјална доминација,” се објаснува во студијата.

Значи, од биолошка гледна точка, има смисла што жените фаворизираат мажи со брада.

Во обидот да се тестира теоријата, научници интервјуирале 8500 жени. Побарале да оценуваат мажи со и без брада и ги прашале дали би ги избрале за долга или кратка врска. Мажите ги фотографирале свежо избричени и после 10 дена небричење. И трета фотографија се правела 4 недели подоцна.

За да се одреди и кои други фактори би играле улога во изборот на жените, употребиле и Фотошоп на некои лица, за да бидат помажествени или поженствени.

Резултат: „Мажествените лица се проценуваат како поатрактивни за краткорочна врска за разлика од помалку мажествени лица, а тие со бради се поатрактивни од избричени за долгорочни врски.”

Се заклучува дека и претерано маскулинизирани или феминизирани лица се најнеатрактивни кога се без брада. Брадата е таа што ги ублажува поларизирачките ефекти на екстремите, веројатно со прикривање на некои од карактеристиките на лицето. Со други зборови, брадата ги омекнува грубите црти на хипер-мажествено лице, а додава шарм на мажи кои се понежни.

tl;dr: Дечки, позгодни сте со брада. И посериозни шанси имате.

21 декември 2018 - 08:38